100.000 Унгарци вчеравечер протестираа против данокот на интернет

Околу 100.000 граѓани излегоа на протест во главниот град на Унгарија, протестирајќи против одлуката на десничарската влада на Виктор Орбан да се воведе данок на интернет во земјата. Протестот во Будимпешта, според посматрачите, претставува знак на растечкото незадоволство, главно меѓу младите, поради политиката на премиерот Виктор Орбан со која се централизира власта и се зајакнува улогата на државата на сметка на приватниот бизнис.

100.000 Унгарци вчеравечер протестираа протв данокот на интернет

Фидес, владејачката партија на премиерот Орбан, во април годинава по вторпат освои двотретинско мнозинство во парламентот, а за Орбан тоа беше почеток и на третиот негов мандат како премиер.

Тој од 2010 година, кога го освои вториот мандат, е во судир со Европската унија и добива постојани критики од Соединетите држави поради новите закони со кои се регулираат скоро сите организации: од медиумите, до црквата.

На владата на Орбан сега и се забележува дека ги заплашува независните граѓански групи, вклучувајќи ги и оние за следење на корупцијата и активистите за човекови права, како и дека настојува да ги продлабочи врските со Русија.

Владата на Орбан веќе воведе специјални даноци во банкарскиот, енергетскиот и телекомуникацискиот сектор за да го држи под контрола буџетскиот дефицит.

На собирот во Будимпешта, организиран прекуФејсбук, демонстрантите го повикаа премиерот Орбан да се откаже од планот со кој провајдерите на интернет месечно ќе треба да плаќаат по скоро 3 долари за корисник и триесет долари за компанија.
Граѓаните страхуваат дека трошоците на крајот ќе паднат врз нивниот грб.

„Студирам, моите немаат многу пари, ниту пак јас. Страхувам дека интернет компаниите данокот ќе го вградат во нивната цена. Имам компјутер, смартфон, како ќе доаѓам до потребната литература за студирање“, изјави еден од учесниците на протестот.

Владата најави овој предлог во минатата недела без претходни консултации со јавноста или дури со пратениците на владејачката Фидес.

Рајан Хит, портпарол на еврокомесарката за дигитални прашања Нели Крос изјави дека станува збор за лош план кој би можело да го закочи економскиот развој на земјата.

„Унгарија е под просекот во Европската унија во скоро секој дигитален индикатор, а дигиталниот сектор на стопанството е можеби главната работа која ја одржува Европа да не влезе во рецесија. Затоа оданочувањето е особено лоша идеја“, изјави Хит.

Европската комисија исто така страхува дека унгарскиот план би можело да го копираат и други земји членки на Унијата.

Извор: РСЕ

Демонстрантите во Будимпешта најавија дека ќе ги продолжат протестите додека владата не ја повлече одлуката.