Легитимитетот на изборите во Венецуела за нов уставотворен совет е оспорен од опозицијата и меѓународната заедница. Во насилниот изборен ден и масовните протести во повеќе градови во земјата, најмалку 10 лица го загубиле животот.
Службите во Венецуела соопштија дека излезноста за контроверзниот избор на уставотворен совет бил 41,5%. Оваа бројка ја оспорува опозициската коалиција, која тврди дека 88% од гласачите не гласале и одби да го признае изборот. Тие истовремено повикаа на нови протести денеска.
Претседателот Николас Мадуро ги прогласи изборите за успешни, нарекувајќи го гласањето „најважно за револуцијата“.
Покрај секојдневните протести ширум земјата, опозицијата повика и на масовен протест во среда во Каракас, кога за првпат ќе треба да заседава новиот уставотворен совет.
„Не го признаваме овој лажен процес“, изјавил опозицискиот лидер Енрике Каприљес, нарекувајќи го „масакр“ вчерашниот ден со голем број жртви.
Њујорк Тајмс пишува дека еден кандидат за уставотворниот совет, 39-годишниот правник, Хозе Феликс Пињеда, бил убиен во неговиот дом ноќта пред изборите. Според обвинителството, вооружана група упаднала во домот на Пињеда во Сиудат Боливар и го застрерале.
Неколку часа по овој инцидент, голема експлозија се случила во главниот град, Каракас, во која биле повредени најмалку седум полицајци кои биле во патрола. Видео кое се споделува на социјалните мрежи, покажува униформирани полицијаци на мотори како влетуваат во огромна огнена топка која експлодира пред нив.
Новиот уствотворен совет на Венецуела ќе има овластување да го промени уставот и во тој процес да го заобиколи конгресот кој е под контрола на опозицијата.
Мадуро смета дека тоа е единствен начин да се врати мирот по месеци на протести и политичка криза. Неговите противници овој потег го сметаат за диктаторски начин на владеење.
Венецуела се соочува со огромни меѓународни критики за новиот совет. Вчера САД најави дека размислува за нови санкции кои ќе бидат насочени кон индустријата на нафта на јужноамериканската земја. 13 членови на владата на Мадуро веќе се под американски санкции.
Американската амбасадорка во Обединетите Нации, Ники Хели, го отфрли изборот како „чекор кон диктатура“.
Венецуела веќе беше суспендирана од регионалниот економски блок „Меркосур“ од другите членки – Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, поради загриженост за повреди на човековите права во земјата.