10 романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“

На годинашниот конкурс  за „Роман на годината“ пристигнaле 38 романи од кои жири-комисијата во првата селекција одбра 20 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.  Насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција, во петок, на 13 март.

Во втората селекција за наградата „Роман на годината“ 2019, се натпреваруваат десет романи; „Молчи со отворена уста“, Снежана Младеновска Анѓелков, („Или -Или“) , „Правта на библиотеките“, Митко Маџунков, („Три“),  „Мрежата на Мамли“, Блаже Миневски, („Матица македонска“), „Пагански времиња“, Драги Михајловски, („Просветно дело“),  „Песот со тажен поглед“, Оливера Николова, („Матица македонска“), „Последните денови на Ханс“, Михајло Свидерски, („Или -Или“), „Години од слама“, Братислав Ташковски, („Панили“), „Аб’т“, Оливера Ќорвезироска, („Или -Или“), „Ура, Арал!“, Тања Урошевиќ, („Темплум“) и „Приказни за госпоѓица Сит“, Билјана С. Црвенковска, („Чудна шума“).

Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2019 година, ја составуваат Николина Андова Шопова, минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата, писателот Милован Стефановски , Весна Мојсова Чепишевска, професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, писателот Славе Ѓорѓо Димовски  и Катерина Богоева, претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе се врачи по 21 пат. Наградата, чиј
генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои во паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.