1% од буџетот да оди за младите – Дискусија за новиот закон

1% од буџетот на земјава да се издвојуваат за младите, предвидува новиот закон за млади, чиј првичен предлог беше претставен денеска пред јавноста. Работната група која е вклучена во создавање на новиот Закон за млади одржа консултативна средба со граѓани, граѓански организации и невладини организации. Настанот е дел од консултативните средби планирани да се одржат во сите плански региони, за младите да имаат можност да ги споделат своите идеи за целосна изработка на овој закон.

Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт го опиша целиот процес како инклузивен, поради вклученоста на повеќе засегнати страни во креирањето на законот.

„Ова е добра пракса и се надевам дека ќе ја следат останатите институции, на еден ваков начин на носење на закон, започнавме пред година и 6 месеци каде почнавме од нула, имавме состаноци, дискусија, направивме драфт верзија и сега дојде до моментот каде се започнаа консултативните средби, “ вели Каевски.

Презентацијата на законот ја одржа Блажен Малески од Националниот младински совет на Македонија, кој е дел од работната група. Тој ги објаснува двата начини на формирање на еден ваков закон.

„Едниот начин е кога државата целосно, одново го обмислува младинскиот сектор, а како таков има голема државна интервенција во младинското организирање. Вториот начин се кога утврдуваат постулатите на постоењето на младинскиот сектор и врз тоа се дава една рамка, којашто ќе ги овозможи младинските форми на организирање, а не да има државно мешање во директното организирање. Ние јасно се определивме за вториот пристап,“ појаснува Малески.

Детално објаснувајќи ги деловите содржани во законот, Малески се осврна и на препознавањето на „неформалните групи на млади“ кои се содржи во законот. Посочи дека Законот ги објаснува и формите на младинското организирање, односно ги конкретизира поимите за младински форми на организирање. Притоа се осврна и на проблемот со локалните младински совети од кои најголем дел не функционираат.

„Она што ние сега пробуваме да го направиме е да му дадеме законска регулатива за младинското организирање, односно како младите учествуваат во носењето на одлуки што се за нив, имаат советодавна и застапувачка одлука во единиците на локалната самоуправа и тие би биле дел од статутот на општините“, вели Малески.

Во работната група се вклучени и подмладоци на политичките партии. Стефан Андоновски од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ се надоврза на областите во законот кои ги претставуваше Блажен Малески. Тој говореше за сервисите за млади и оформувањето на младински центри.

„Сервисите за млади се многу значен сегмент, иако за жал законот не може да се вмеша во други закони па да даде поголем број на сервиси и можности за младите. Ние предвидовме неколку во таа смисла. Предлагаме оформување канцеларија за млади која што ќе ја координира работата на младите во поголем број општини на локално ниво, знаеме дека дел од општините немаат таква можност, па тука размислувавме дали да одиме со плански региони или да одиме во најголемите локални средини, па тие да покриваат одредени единици на локалнасамоуправа кои што се околу нив. Потоа предвидуваме позиција службеник за млади на ниво на единиците за локална самоуправа и Град Скопје, којшто ќе биде лице кое ќе ја води оваа канцеларија што ја споменав“, вели Андоновски.

Законот предизвика големо учество на млади луѓе на консултативната средба, а со свои забелешки се јавија повеќемина од учесниците на средбата. Дискутантите се осврнаа на критерумите за учеството на организациите во Националното тело за млади, буџетот наменет за законот, но и предвидените тела кои се содржат во законот. Се постави и прашањето за учеството на младите луѓе кои не се дел од некаква организација.

Во процесот на креирање на Закон за младинско учество и младински политики.учествуваа Агенција за млади и спорт на Република Македонија, Клуб за младински прашања и политики при Собрание на Република Македонија, Национален младински совет на Македонија, Младинскиот образовен форум, Коалиција на младински организации СЕГА и Подмладоците на политичките партии БЕСА, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ. Во периодот што следува најавени се консултации во повеќе градови низ земјава, по што според најавите, забелешките ќе влезат во конечното законско решение.

Мартин Колоски