02 Иницијатива: Државниот инспекторат за животна средина повторно во акција во заштитa на загадувачите

„Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) повторно во акција…во заштитa на загадувачите! По пријава и алармирање од граѓани со слики на социјалните мрежи за загадување на водите на реката Вардар на 9 април некаде 9:40 мин, инспекторите на државниот инспекторат излагаат на терен дури во 12:30 да извршат ‘визуелен увид’ и констатираат: ‘дека водата што истекува има обојување со слабо жолтеникаво-црвенкаста боја која на растојание од 3-4 метри во реката се губи’. Па да почекаа уште некој саат може и ќе посинеше Вардар, па и некој речен делфин ќе се појавеше, реагираат од „О2 Иницијатива“.

Реакцијата доаѓа откако сомнителна вода се вливаше во Вардар, а ДИЖС информираа дека инспекторите не констатирале проблем кај објектите со А дозвола, чии отпадни води се вливаат во каналот.

„Со просечна брзина на течење на Вардар во Скопската долина од 2 метри/секунда, па еве и дури 1метри/секунда да решил да успори и да ги почека инспекторите, доказите по 3 часа требаа да ги бараат 10 километри низводно“, велат од „02 Иницијатива“.

Еко-активистите прашуваат зошто на државните инспектори за животна средина им биле потребни скоро 3 часа да излезат на терен.

„Изгледа било потребно да се направи увид на ‘сè во рамките на граничните вредности’. Дали е нормално да се помисли дека јавноста треба да се задоволи со вонредни инспекции направени реда ради и со пропусти, на очигледно пожолтување на Вардар?“, се вели во реакцијата.

Од таму го анализираат инспекторскиот извештај, посочувајќи дека во почетокот на документот, надлежните се потрудиле темелно да опишат од кои сè субјекти и какви сè води се влеваат во заедничкиот колектор во комплексот Железара. И по него, велат еко-активистите, најверојатно да се очекува дека на толку многу, токму некој од овие загадувачи кои се под наделжност на државниот инспекторат, тие 2-3 што работат и имаат А – интегрирани дозволи, биле главните виновници.

„Воопшто и не се спомнува дека токму еден од нив – ‘Арцелор Митал’ кој е преземен од ‘Либерти Хаус Груп’, во Септември 2019 беше виновен токму за еден ист ваков инцидент, но тогаш „по грешка“ на терен многу брзо излегоа инспектори од градскиот инспекторат, па докази имаше како и виновници, но сега доказите отидоа низводно. По ‘визулниот увид’ инспекторот според извештајот врши увид дали сè е според документацијата и дава налог примероците земени од Либерти АД Скопје во 10 ч. и 13 ч. на отпадните води од излезен базен 4 да се проверат во акредитирана лабораторија и примерок кои самите го земале од истото место и од шахтата да се испита во сопствена лабораторија за pH и железо. Резултатите добиени за pH и железо од сопствената лабораторија не покажале отстапувања во вредностите. Резултатите од примероците кои самата фабрика ги земала во 10 ч. и 13 ч. испратени до акредитирана лабораторија ги нема“, соопштуваат од „02 Иницијатива“.

Ако недозволен испуст на хемикалии преку отпадните води се извршил пред 10 ч, еко-активистите прашуваат зошто снимките се направени пред 10ч, која е логиката дека ќе се детектира подоцна, во 10 ч. или 13 ч. во фабриката?

„Дали Инспекцискиот совет воопшто врши контрола и надзор над исправноста на работат на инспекторите за кои издале лиценци? И дали воопшто се потребни лиценци кога според работава што ја извршуваат изгледа е доволно инспекторот да е способен за визуелен увид, да знае да чита, да дава налози и да чека…“, стои во реакцијата на „02 Иницијатива“.