ΚΑΛБΥΛΑ објави ново издание за „Стотројка“, ќе го промовира во „Ла Кања“  

По дебитантското EP „Isla“ и албумот „Моин“, ΚΑΛБΥΛΑ се враќа со ново издание за „Стотројка“, насловено „Пештера“.

„Пештера e покана за морничаво понирање во македонските пропасти, издание кое носи длабок и мрачен звук – паганско техно со клокот на подземни води. Најновото од ΚΑΛБΥΛΑ сече низ камен и сенка, тоа е хипнотички неповрат во древни подземни простори што пулсираат под вашите нозе“, посочува издавачот.

Изданието е достапно на Бендкемп-от на „Стротројка“.

ΚΑΛБΥΛΑ е електронски соло проект на Кристијан Новковски, попознат како тапанар во бендовите „Светлост“, „The Local Blue“, „Строг Пост“, „Палиндром“ и многу други (не)формални музички формации.

Промоцијата која ќе се одржи овој петок (05.12.2025) во „Ла Кања“, ќе биде зачинета со деби концерт на ТМУР, неговата најнова музичка авантура.

„ТМУР се инструментално дуо кое ја носи тежината на звукот до неговата најмрсна и најмедитативна форма. Инспирирани од минималистичкиот пристап на OM, Кристијан Новковски (тапани) и Анис Османовиќ (бас) создаваат непробојни звучни ѕидови од дронови и резонирачки вибрации кои го обвиваат телото и умот“, стои во најавата за настанот.

Концертот е дел од тековниот серијал „ПРЕΔИЗВУК: од хаос кон хармонија“.