[Интервју] Ѓорѓи Јаневски: 15 години „Ако никој не свири“ – 15 години музичка самоорганизација и солидарност

Радио серијалот и независниот музички издавач „Aко никој не свири…“ неодамна започна серијал на дискографски објави со кој се одбележуваат 15 години емитување на култното радио „Канал 103“ и опстојување во медиумскиот простор. Преку „Ако никој не свири…“, се продуцираат концертни сесии во живо со македонски и странски бендови. Но пандемијата, како и сè во државава, ги стави на пауза свирките во „Стотројка“ и омиленото студио П6, па уредникот Ѓорѓи Јаневски раскажува дека се бараат начини и идеи како „шоуто да продолжи“, како музиката да ги возбудува музичките фанатици.

Во „Ако никој не свири…“, меѓу другите, досега засвиреа и издадоа музичко парче и „Бернејс Пропаганда“, „Телемама“, „Џун“, „Мнемоник45“, Мухамед Ибраими“, „Ум Заум 001“, „Цвеќето на чичко Волф“, „Шутка Рома Рап“, „Хипнополис“, „Грин Аут“, „Шок Труперс“, „Фонија“…

Под етикетата на „Ако никој не свири…“ се родија и компилациски изданија. Вклучени разни артисти, продукции, сензибилитети, жанрови. Провев на свежина, или искусни бендови. Сè во склоп на независната култура.

Јаневски, кој е слободен филмски и медиумски работник, објаснува дека приказната започнала во 2005 година.

„Имаше едно акустично дуо. Сандра Георгиевска, која работеше во ‘Стотројка’ во саботите и неделите. И Дарко Тесевски, после беше гитарист на ‘Д Џон’, сега уште свири со ‘Андан’. Они рекоа: ‘абе да дојдеме да свириме во радио?’. А, јас – ‘ајде!’, иако немав искуство за такво нешто во радио. Ама, се случи, бидејќи беа едноставни, она пееше, а тој свиреше акустична гитара. Внатре во радиото имаше микрофон. И се сними така, со еден микрофон“, раскажува Јаневски.

Чувството после тоа било „чекај, значи може“, со оглед дека студиото не е планирано за такво нешто, туку е бродкаст студио, ама доволно е голема „глувата“ соба. И, од тука тргнала работата.

„После дојдоа ‘Андан’ и свиреа. Во еден ситен момент се приклучи Ален Хаџи-Стефанов. Почна да доаѓа како тонец, бидејќи немаме ни продукција, ни опрема. Тоа е цела операција за да се изведе. Веројатно од моментот кога Ален почна да доаѓа со опрема, со цело свое знаење, почна да тече и емисија, да се прават свирки во радио“, вели Јаневски, кој во 2009 година потпиша и свој документарец под името „Ако никој не свири…“.

Од архивата на „Ако никој не свири…“

Радио серијалот веќе 15 години опстојува на маргините на јавниот медиумски простор, делувајќи по принципите на самоорганизација и солидарност, врз кои се темели македонската независна музичка сцена.

„Велам на маргините, бидејќи, реално, тоа е непрофитабилно радио. ‘Нелегално’ радио, а догодина ќе прави 30 години постоење. Знаеш, понекогаш и таа маргинална позиција и не е така лоша. Од аспект на простор за слободно изразување, но прашање е колку кај нас има капацитет да се искористи? Ама, самиот факт што 29 години постои радиото, од кои од 2004 на волонтерска база, е некаков показател. Дека се пуштил некаков корен, некаква традиција се создаде. Оди напред, па ќе застане, пак оди напред… Тоа е нормален процес“, забележува Јаневски.

Низ годините во „Стотројка“ свој белег имаат врежано разни уметници, ентузијасти, водители, постојани и непостојани соработници. Односно, луѓе што мисионерски со своето постоење и активности ја обликуваат алтернативната култура.

Lyna Lapelite

Сега, целата музичка сцена, од концертен аспект, е на „стенд бај“. Се родија иницијативи како „Музика – сега!“, иницијативи на разни музички работници и автори со барање за враќање на музичките настапи, во определени временски рамки, услови и во фази.

Главното прашање што ги засега сите е – што понатаму?

„Многу интересно, на еден музички портал некој напиша ‘има најава за отворање на клубови, најава за концерти’. И ги прашува луѓето ‘што ќе правите, дали ќе одите на концерти, што мислите?’. Кога ќе ги видиш одговорите, луѓето се крајно претпазливи и поделени“, потенцира Јаневски.

Смета дека во нашиот локален контекст, ако можат да се отворат кладилници, ресторани и кафулиња, тогаш последниот проблем треба да биде културата. Таа за жал, вели Јаневски, секогаш кај нас доаѓа на последно место.

„Не можам стручно да зборувам, но ако се опуштаат другите мерки, треба да се опуштат и тие, нормално со сите протоколи. На сите им е здосадено од стримови. Секој ќе ти каже дека му е ‘преку глава’ од свирење по дома и преку стримови. Треба враќање во некоја контролирана форма. Гледав пред некое време видео, од некој холандски клуб. Овие танцуваат, другите седат. Изгледаше тажно. На отворени простори можат да се прават концерти од помал размер. Не зборувам за масовни собири, 1.000 луѓе на фестивал. Добро време е за поекспериментална музика, храбар концепт, амбиентална музика и слично, нешто што го работам. Знам дека во старт за такво нешто нема премногу публика, хаха… Значи, враќање во помал формат“, вели тој.

„Музика и Другарство“

Јаневски размислува и како би продолжила „Ако никој не свири…“, бидејќи досега има некаков протокол за влез. Од кога почнала пандемијата и карантинот, се ангажирал со Флора Питроло. Таа живее и работи во Лондон, ама е дел од радиото.

„Почнавме еден циклус, се вика ‘Радио Школка’. И тоа оди секој петок и недела од 20 часот до полноќ. Значи, по четиричасовни блокови, колективен труд, учествуваат повеќе луѓе од земјава и странство. Секој придонесува со содржина, дали музички избор, дали е тоа концерт снимен дома, архивски материјали. Така да, тоа сè уште тече, снигнати сме до 25-то издание. Ама на страна, размислувам, кога ќе се создадат услови, се надевам во јули, првото нешто е да се вратам на свирките (во студио)“.

На агендата на стартот би биле соло артисти, бидејќи „бендовите станаа покомплицирана работа“. А, разни соло уметници веќе имаат спремен материјал, за да се враќа емисијата во некоја нормала.

„Музичарот во ‘глувата’ соба, јас во другата, и уште еден човек да фотографира и документира. Тоа е некаков план, но ќе чекам за официјална потврда според ситуација“, потенцира Јаневски.

„Шутка Рома Рап“ во Стотројка

Меѓувремено, Јаневски „буричка“ низ архивата. Рекол, „ОК, затворени сме дома, па е вистинско време да се позанимавам со архивата“. Таа е голема, па е вистински момент да се работи на неа. Се поклопила и со 15-годишнината.

„Тоа е некоја фуснота. Не сум голем фан на годишници, зошто сакам да гледам напред, па и да не беа 15 години, ќе имаше циклус на архивски изданија “, раскажува тој.

Во принцип, сите концерти им припаѓаат на авторите. Бендот свири, а потоа со снимката може да прави што сака. Доста свирки и самите бендови си ги издале.

„Нивни се. Ама, постојат и повеќе работи што не се издадени, останале така, затоа што немало желба, време на уметниците. Некои од составите за кратко време се расформирале, распаднале… Некои непостојат. Има и материјали со кои бендовите не се многу среќни, па веројатно никогаш нема да излезат, што, исто така е во ред. Има и работи што се интересни и не се толку познати. Пример, излезе една кратка сесија на ‘Греам Јанг’, женско дуо, функционираа од кај 2007-2010 година. Тераа тој период, беа активни. Јана и Јована свиреа, ама не стигнаа до издание. Па, сметам дека е ОК како звучен артефакт, посебно што е женско авторство, што кај нас е малку ‘тенко’“, забележува Јаневски.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Досега во овој циклус, од архивите на „Ако никој не свири…“ се објавени следните изданија:

String Forces – Live at Kanal 103

Ова е вториот радио концерт на еден од најдолговечните македонски бендови, снимен во 2010 година. Радио серијалот гордо го носи името на нивната истоимена песна.

01 Plant – 1100111

Издание кое верно го доловува моќниот електронски звук на кумановското трио 01 Plant и нивната психоделична разиграност.

Graham Young – Early Live Crimes

Изворно снимена во 2008 година, оваа кратка радио сесија е единствениот драгоцен аудио документ за постоењето на акустичното дуо Graham Young,  кое го сочинуваа Јана Коцева и Јована Гајтаноска.

Bei The Fish – Welcome

На ова издание е поместена првата радио сесија на овој скопски поп бенд во Канал 103, снимена во 2007 година.

Во наредниот период  ќе следуваат изданијата на Онил – канадски кант-автор кој живее и работи во Скопје, Брем Стендхоудерс – гитарски експерименталист од Холандија, битолското сурф-панк трио „Молокаи“, како и многу други концертни албуми кои се во фаза на подготовка, најавува Јаневски.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Бојан Шашевски