Заврши блокадата на Филозофскиот факултет во Белград, деканот вети решение

Речиси двомесечната блокада на Филозофскиот факултет во Белград заврши, откако деканот Милош Арсенијевиќ се обврза да ги исполни клучните барања на студентите од самоорганизираното студентско движење.

Членовите на движењето, кои не ги напуштаа просториите на факултетот од почетокот на блокадата во октомври, вчера изгласале дека таа треба да заврши, а на факултетот да продолжи редовната настава. Студентите во 60-дневната блокада постојано добиваа закани од управата на факултетот, која им ја исклучи струјата и греењето во зградата која ја окупираа, а против нив без поднесени 17 дисциплински и шест кривични пријави. Дел од професорите се залагаа на факултетот да интервенира полицијата, но до тоа сепак не дојде и автономијата на универзитетот беше испочитувана.

Деканот Арсениевиќ на прес-конференција изјави дека поради изгубените денови од наставата, зимскиот распуст ќе биде скратен, но не сакаше да ги коментира поднесените пријави против студентите. Тој се обврза да бидат намалени трошоците за пријавување испити и запишување на година, што беше клучниот услов на студентите, откако управата на почетокот на академската година, без да ги извести, ја зголеми школарината и надоместокот за пријавување испит.