50 дена блокада – студентите во Белград во „војна“ со управата

Утре (27 ноември) се навршуваат цели 50 дена од почнувањето на организираната блокада на Филозофскиот факултет во Белград, која ја спроведуваат студентите, незадоволни од зголемувањето на трошоците на студирањето. На почетокот на академската година, управата на факултетот ненајавено ја зголеми школарината, како и цената за пријавување испити. Студентите, по повеќе од две недели безуспешни обиди за дијалог со деканот и членовите на Советот, се одлучија да влезат во факултетот и да ја блокираат неговата работа.

50 дена блокада - студентите во Белград во „војна“ со управата

Во 50-те денови блокада, управата се обиде на сите начини да ги спречи студентите да протестираат. Покрај тоа што дел од професорите се обидоа физички да се пресметаат со своите студенти, управата им ја исклучи струјата и греењето во делот од факултетската зграда која ја окупираат, а студентите постојано добиваа закани. Пред неколку дена обезбедувањето ги заклучило студентите во факултетската зграда, па тие не можеле да излегуваат да купат храна. Вратите биле отклучени дури откако студентите повикале полицијата за да реагира кај обезбедувачите и деканот. Дел од професорите подолго време бараат полицијата да влезе на факултетот и да „расчисти“ со студентите, но државните органи не смеат да делуваат во кругот на универзитетот поради неговата автономија.

50 дена блокада - студентите во Белград во „војна“ со управата

Професорот Чедомир Антиќ се обидува да држи предавање додека поголем дел од студентите му попречуваат

Вчера, управата реши да го затвори факултетот, поради тоа што „не постојат услови за безбедно изведување настава и за престој на студентите, вработените и посетителите“. Деканот, Милош Арсенијевиќ, вели дека тој нема никаков контакт со студентите кои блокираат, нарекувајќи ги „непознати лица“. И покрај затворањето на факултетот, професорот Чедомир Антиќ вчера се обидел да држи предавање во ходник пред десетина студенти, но во тоа бил спречен од студентите кои блокираат, со извици и дофрлања преку мегафон.

Педесетината студенти „блокирачи“, во меѓувреме, секојдневно одржуваат „збор“ (пандан на нашиот Студентски пленум), дежураат, спијат во шатори и на душеци и не помислуваат да се откажат од барањата: намалување на цената на студентскиот кредит, симболични цени за пријавите за испит и запирање на трендот на заработка на факултетот преку нивните грбови.

50 дена блокада - студентите во Белград во „војна“ со управата

Самоорганизираното студентско движење нема водач, а неговите претставници даваат изјави без да си го кажат името, за да не се издвојуваат и да го потенцираат нивното единство.

Деканот ни понуди некаков компромис, но таков кој и нaтаму лошо ќе влијае на материјалната положба на студентите. Тој бара од нас да плаќаме неосновани давачки. Ние само сакаме да имаме услови за студирање како и минатата година, затоа што економската криза сега е уште полоша. Цената на школарината е подигната без никакво известување, а за тоа дознавме дури кога дојдовме да ја запишеме следната година. Таа мора да биде намалена за 25 проценти, вели еден од студентите.

Во последните два дена, управата нареди запирање на сите испити и консултации, кои претходно некако се одржуваа, што предизвика проблеми за студентите кои деновиве ја завршуваат годината или студиите. Но, и покрај нивните повремени реакции, студентите кои не ја поддржуваат блокадата се во големо малцинство. Сепак, тензиите со управата и заострената ситуација упатува на тоа дека блокадата може да има и насилен епилог. Суштински, семестарот веќе е изгубен, а состојбата, што се однесува на барањата на студентите, е речиси како и на почетокот. Со последната ескалација на блокадата, целата академска година на Филозофскиот факултет во Белград е под прашање.