„Навидум нормално туширање. 16 соби на спрат, по двајца студенти во соба. Овде се тушираат сите, зошто туш кабината на другиот крај од ходникот, нели, не работи. Оваа туш кабина е во добра состојба и е функционална. Што не е во ред?“, прашуваат студентите станари во домот „Гоце Делчев“ од иницијативата Операција „Студентски дом“.
Револтирани од тоа што, како што посочуваат во текстот на Фејсбук, медиумите или ги нема или им се забранува пристап и снимање, решиле работите да ги преземат во свои раце и да ја покажат мизеријата на едно обично туширање во студентскиот дом.
Како што објави Радио МОФ, голем проблем изминативе неколку седмици во домот беа нефункционалните лифтови, поради што студентите мораа пеш да се качуваат и до 14-тиот кат. Домот „Гоце Делчев“ кој згрижува повеќе од илјада студенти се се наоѓа во ужасна состојба. За ова лето надлежните најавија негово реновирање.