Тензии на УКИМ – Одлуката за барокните згради ја донеле деканите, со Ректоратот и МОН

Сегашниот изглед на Факултетот за физичка култура и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), односно немањето сопствени и соодветно опремени простории е проблем кој се провлекува со години, но изградба на нови објекти под било какви услови е неприфатливо, сметаат студентите од Студентски пленум. Во тензична атмосфера помина синоќешната трибина организирана од пленумот, а по повод плановите за изградбата на два барокни факултети во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Покрај студенти и професори, на трибината учествуваа и деканите на овие два факултети, чии згради се планираат да се изградат во дворот на УКИМ.

Студентите сметаат дека и тој простор што го имаат не е доволен за да одговори на потребите што ги имаат овие два факултети.

„Ние имаме животен простор, вие го немате, сега треба да го делиме, што е еден и е мал, тесен. Ние викаме дека не може, имаме проблем да го делиме. Не е барокот, ако сакате и неокласицизам нека стават. Не е битно, на крајот на краиштата за стилот. Него може да го спориме подоцна. Она што се спори е дека овде нема простор, не дека немате право на зграда “ рече Ивана Туфегџиќ од Студентски пленум.

Деканот на Факултетот за физичка култура Вујица Живковиќ, соопшти дека одлуката за изградба на овие две згради се знаела уште во мај, минатата година, кога Министерството за образование и наука доставило допис за изградба на проектот, со што после 65 години, студентите од овој факултет ќе добијат сопствена зграда.

„Касните многу, вашите декани не ве седнале на време да ви кажат. Се одбра едногласно, со комисија се одлучи да се изгради идејното решение во барок. Не знам од каде испадна дека ова е ваш двор. Моите студенти не припаѓаат овде?“, праша Живковиќ, кој додаде дека Ректоратот дозволил да започне изградбата, а потписници на одлуката биле деканите, бидејќи Сенатот немал право да одлучува за тоа. Меѓудругото, додаде дека било планирано и да се посадат 150 дрвја.

Кон ова, се придружи и деканот на ФИНКИ Иван Чорбев, кој посочи дека потребата од сопствена зграда постои одамна, бидејќи како што вели, студентите имале предавања во бараки, додека канцелариите на професорите биле сместени во подруми.

„Како факултет сме консултирани само за потребите. Ние само направивме елаборат за квадратурата, за мрежите, за серверите… но, не и за екстериерното уредување. Ние само имаме очајна потреба за простор за предавање“, посочи Чорбев, кој потсети дека веќе имало неуспешни обиди да се изгради факултетска зграда за ФИНКИ.

Во дискусијата што се отвори се вклучи и архитектот Даница Павловска, поранешен претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, според која недопустливо е Ректоратот да не се огласи по ова прашање од 2014 година и смета дека токму Ректоратот е најодговорен во моментот да одговори на прашањето за тоа што ќе се гради во дворот на УКИМ.

„Вие живеете со овој простор и затоа е автономен. Изградбата е партиципативен процес каде што мора да се вклучите и вие. Ова е наш заеднички простор“ им порача Павловска на студентите.

Во однос на изјавата на деканот Чорбев рече дека планот е урбанистички неквалитетен и токму нетранспарентноста е причината поради која лошо се гледа на проблемот.

Според студентите не е решение да се донесе каква било одлука без јавна дебата и поради тоа ја сметаат како наметната.

„Правилникот за стандарни нормативи за проектирање проект е прекршен. Според него, секој студент треба има минимум десет метри квадратни, но Факултетот за физичко образование ќе има девет илјади метри квадратни, а во него ќе има повеќе од три илјади студенти. Со тоа директно се крши овој правилник“, рече студентот при Правниот факултет Константин Битраков.

Тој нагласи дека се уште нема табла на која е наведено кој е инвеститор и кој е надлежен за градбата во делот каде се започнати градежните работи. Битраков повика овој пропуст да се пријави во градежниот инспекторат.

Трибината заврши откако деканите и професори од овој факултет демонстративно ја напуштија просторијата во која се одвиваше дискусијата. Со ова, заврши и тридневниот фестивал „Ад хок“ што го организираше Студентскиот пленум.

Емилија Петреска