Средношколците бараат масовна поддршка за маршот

Доста беше молк и доста беа реформи зад затворени врати, велат средношколците кои повикаа на масовна поддршка за маршот. Од Средношколскиот пленум информираат дека подготовките течат без прекин, а од маршот очекуваат голема поддршка од своите соученици, наставници, професори, студентите, родители и останати граѓани.

„Најголемо очекување е излезноста. Второ, очекуваме дека со таа излезеност ќе покажеме маса на луѓе кои се спротивставуваат (на реформите) и кои мирно и демократски ќе учествуваат. Сега притисоците се во форма на потпишување на пријавите за матура, дека ќе го пробиеме јунскиот рок за полагање“, изјавија од Средношколскиот пленум.

Протестниот марш на средношколците ќе започне во 12 часот кај Фонтана, каде веќе најавија дека ќе им се приклучат околу 350 кумановски средношколци. Истовремено и студентите ќе тргнат со паралелен марш во знак на поддршка од платото на УКИМ, по што двата Пленума ќе се сретнат пред Владата и заедно ќе се упатат кон Министерството за образование и наука.

Студентите велат за Радио МОФ велат дека го препознале игнорантскиот однос на надлежните и токму затоа ќе ги поддржат нивните идни колеги.

„Ние се подготвуваме за средношколскиот марш со цел да привлечеме внимание за луѓето да излезат и да ги поддржат. Ние ги поддржуваме бидејќи сме во заедничка борба и сметаме дека нивните барања се легитимни. Самите се препознавме во нивната ситуација и ги препознавме притисоците. Револтирани сме што бојкотираат 18 000 средношколци, а за тоа се уште нема никаков одговор од надлежните“, велат од Студентски пленум.

Непосредно пред маршот, се зголемува поддршката за средношколците која ја добија од сите пленуми – Наставнички, Професорски, Студентски и Новинарски. Поддршка добија и од бројни македонски јавни личности меѓу кои Марин Бабиќ, Мирко Попов, Тајзи, Бени Шакири.

Средношколците се уште ја бојкотираат наставата и се решителни во своето барања за средба со министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми. Тие од самиот почеток се против новиот концепт на државна матура, а бараат и да се укине екстерното тестирање.

Непосредно пред маршот, средношколците и студентите реализираа неколку герила акции низ Скопје. Освен скопските средношколци, утре во исто време ќе маршираат и средношколците во Битола, а како што стои во најавата, ќе маршираат и охридските средношколци.