Наставниците и средношколците во четврток излегуваат на марш во Битола

Средношколскиот и Наставничкиот пленум од Битола најавуваат втори марш во четврток (23 април) кој ќе започне во 12 часот, пред средното училиште „Д-р Јован Калаузи”.

„Ве повикуваме заедно, сложно да кажеме НЕ на реформите коишто од нас направија експериментални глувци. Да се изјасниме гласно, затоа што тишината не е решение! Ова е апел до граѓаните. Апел до учениците, родителите, наставниците и студентите. Уште еднаш да покажеме дека и покрај вашето игнорантно однесување, пленумот цврсто стои зад своите барања.
Оваа наша сплотеност може да укаже на 3 работи, дека не може нашето знаење да се покаже преку тест со 30 прашања, дека не го подобрувате образовниот процес со бинго- тестови на среќа и дека не дозволуваме да си играте со нашата иднина!

Доста беше молк, и доста беа реформи за кои се знаеше само зад затворени врати, без никаква шанса за отстапка и приговор. Време е ученикот да може да учествува во донесувањето одлуки за неговото секојдневие и иднина“, порачуваат од Средношколски пленум Битола.

Од Наставничкиот пленум пак велат дека е нивна професионална и граѓанска одговорност и обврска да ги поддржат средношколците на маршот .

„Сведоци сме дека средношколците во изминатиов период ги искористија сите можни начини кои им стојат на располагање за да го изразат својот револт кон проблемите со кои се соочуваат во образовниот процес, со главен акцент врз екстерното тестирање и државната матура. При ова тие покажаа исклучителна истрајност, храброст и посветеност на идејата која ја застапуваат. Сведоци сме и на игнорантскиот однос од страна на МОН, и секојдневните притисоци на кои се изложени учениците и наставниците во училиштата.
Со цел да укажеме на потребата за дијалог и изнаоѓање на прифатливо решение за 20 000 средношколци, нивни родители и наставници, спремни сме да излеземе на закажаниот марш на средношколците и да ја искажеме нашата поддршка и апел за започнување на дијалог на надлежните структури од МОН со средношколците“, велат битолските наставници.