Работилници и споделување на знаење – програма на автономните зони за денеска

Со предавање на професорот Никос Чаусидис за „Семиотичка анализа на проектот Скопје 2014“, студентите од Филозофски/Филолошки факултет го започнуваат четвртиот ден од окупацијата на факултетската зграда. Денеска, студентите ќе имаат можност заедно со членови на културниот центар „КуЛа“, со почеток од 12 часот да учествуваат во интерактивна работилница за графичко печатење на слоганите на студентите, а од 19 часот ќе се отвори изложба и проекција на експериментални видеа.

„Би ги замолиле сите кои се заинтересирани за учество во работилницата или би сакале да добијат дизајн со мото од студентската окупација, да донесат маици, торби или парче облека каде што би сакале да го аплицираме истиот дизајн“, се вели во повикот за работилницата.

Воедно, ќе продолжи вчерашната дискусија на тема „Кои се проблемите во високото образование?“, а во рамки на автономната зона ќе се одржи и предавање од Voxacademica. Вечерта на Филозофски/Филолошки факултет ќе заврши со ново издание на „Астални проекции“, со почеток од 20 часот, при што љубители на пишаниот збор ќе имаат можност да се претстават со своите дела.

Паралелно со активностите во автономната зона на Филозофски/Филолошки факултет, ќе се одржуваат предавања и во проширената зона во зградата на Машински факултет и ФЕИТ.

Оваа сабота, во знак на поддршка на окупацијата на универзитетите, целодневно „Сподели знаење“ ќе организираат предавања од членовите на хаклабот КИКА.

Планот е да започнат во 14:00 часот, а програмата да биде ad-hoc, во зависност од интересите на присутните. Некои од идеите се работилници за Node.js, Python и Ruby, како и дискусии за приватност, безбедност и hands-on инсталирање на алатки како Tor. Предавањата ќе се одржат во просторија 110, први кат.

Студентите веќе четврти ден окупираат на Филозофски/Филолошки факултет, а трети на Машински и ФЕИТ. Тие се одлучни во тоа дека нема да си заминат додека не бидат исполнети нивните барања.