Протести: Парична казна за Најчевска и Пировска, најава за кривична за уште две демонстрантки поради боењето

Парична казна од 50 евра добија директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска и професорката Мирјана Најчевска поради боење на државни институции, а најава за кривична стигна и за двете демонстрантки Ана Кркуљ и Ирена Стеријовска кои се товарат за боење на Триумфалната порта. Нивниот распит утрово во полициската станица „Беко“, беше причина за протестен собир пред станицата, со кој граѓаните упатија порака дека нема да дозволат да бидат заплашувани.

По кусиот распит, Пировска и Најчевска изјавија дека не го потпишале налогот за плаќање и дека овој начин на заплашување нема да ги спречи да излегуваат на протести. Пировска рече дека не се чувствува виновна за тоа што го сторила, бидејќи според неа, легитимно право е на еден граѓанин да го искаже својот револт. На ова се надоврза и Најчевска, која нагласи дека боењето е нејзин начин на разубавување на просторот во кој живее и дека ќе бара авторски права.

За Кркуљ и Стеријовска, пак, полицијата констатирала повеќе прекршоци на сите денови од одржувањето на протестите. Според нивниот адвокат Ѕвонко Давидовиќ тоа е неосновано, бидејќи како што нагласи, неговите клиентки не биле легитимирани од униформиран полициски службеник, или комунален инспектор, а кривична пријава не може да се изрече бидејќи бидејќи Триумфалната порта е нов објект.

„Кога ги побаравме доказите, ни кажаа дека тоа се фотографии. Тие не можат да ги користат како доказ, затоа што наредба за посебни истражни мерки за вакви кривични дела нема, ниту може да добијат, а она што го снима полицијата не е валиден доказ затоа што тоа е неовластено снимање. На полицијата и беше укажано дека доколку ги примени фотографиите како доказ, ќе поднесеме кривични пријави за лоупотреба на службена положба против министерот, директорот и командирот на полициската станица, како и против инспекторите“, изјави адвокатот Давидовиќ по разговорот во полициската станица.

Голем број граѓани денеска се собраа пред полициската станица додека траеја распитите со цел да дадат своја поддршка. Меѓу нив беше и професорот Гордан Калајџиев, кој пред неколку дена доби казна од 50 евра за фрлање боја врз државни институции, откако претходно беше викнат на ист ваков разговор. За време на протестниот собир, се појавија и четворица млади контра-протестанти со транспаренти. Тие по повикот „Кај ви се сендвичите“, веднаш се повлекоа, по што следуваше и боење на еден од од нивните транспаренти.