Професорскиот пленум и со писмо бара вето од претседателот Иванов

Околу 400 членови на Професорскиот пленум, мегу кои професори, академици , предавачи, се потпишаа на отвореното писмо до претседателот Ѓорѓе Иванов. Во него тие кое го повторуваат барањето од понеделничката средба со претседателот, да стави вето на Законот за измени и дополнувања на Законот за високо образование и останатите четири закони од областа на образованието, и да ги врати на пратениците на повторно разгледување.

Писмото го пренесуваме интегрално:

„Знаеме дека и покрај евентуалното вето, Собранието со апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници може да ве „принуди“ да го ставите потписот покрај оној на Претседателот на Собранието. Но, сакаме да веруваме дека во двоглавата извршна власт Вие ќе настапите самостојно, независно, како некој кој е избран на директни избори, како Некој чиј легитимитет извира од Нас, ГРАЃАНИТЕ, а не од парламентарното мнозинство.

Ве потсетуваме на Вашата одговорност за заштита од кршење на Уставот и законите во вршењето на Вашите права и должности. Ве потсетуваме на Вашиот повик за дијалог, кој не го слушнаа ни министрите, ни пратениците од власта, со ретки исклучоци. Ве потсетуваме на фрлените устави од студентите, како знак за флагрантно кршење на македонскиот Устав, како НАЈВИСОК ЗАКОН, но и ОПШТЕСТВЕН ДОГОВОР ВО РУСООВА СМИСЛА!!

Сигурни сме дека лично сте имале увид во над 130-те страници забелешки и сугестии, испратени преку Ректоратите до Владата и пратениците, подготвени во најкусиот можен рок за давање мислења во историјата на „законодавната“ процедура. Но, знаете дека Владата ја претрка Интеруниверзитетската конференција, закажувајќи седница во недела на која сама си измени некои решенија, не чекајќи ги нашите мислења.

Искористете го демократскиот предизвик да бидете ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ кој ставил АРГУМЕНТИРАНО ВЕТО, повикувајќи се на УСТАВОТ.

Претседателе, колега, поранешен претседател на Одборот за акредитација, не ставајте потпис на измени кои погрешно се нарекуваат „реформски“. Не ставајте потпис на текст кој не наликува на законски со оглед на бројните заскитани одредби на кои не им е место во закон, непознатата „номотехника“, со која е пишуван, односно непрецизноста, нејасноста, конфузноста, контрадикторноста и навредливо лошиот македонски јазик, на кој се напишани измените и дополните.

Размислете за легитимитетот на законските измени и дополнувањана на Законот за високо образование, зашто ќе биде донесен не само без најголемата опозициска партија, туку и без јавна дебата, како и без НИТУ ЕДЕН ПРИФАТЕН АМАНДМАН од парламентарната опозиција или од пратеници од партиите кои се дел од владеачката коалиција, но кои се одважија да ги критикуваат законските измени!!

ВЕ прашуваме: Може ли да зборуваме за концепт за реформи, по петнаесет измени и дополнувања? Не, потребен е НОВ ЗАКОН, заснован на темелна дијагноза, јасна концепција за реформа, поткрепена со податоци и факти, широка дебата, правно заснована процедура.

Дозволете ни да наведеме некои од аргументите од кои се раководиме во барањето:

-Зарем ќе поддржите измени и дополнувања со кои се негира и анулира академската слобода изразена како „слобода на утврдување на правилата на студирање, облиците и видовите на наставно-образовните дејности и на проверката на знаењата на студентите; измени со кои се негира слободата на избор на студиските програми и содржината на одделните предмети, како и слободата во утврдувањето на условите и критериумите за студии од прв, втор и трет циклус, како и другите видови на образование, загарантирана со членот 12 од Законот?

-Зарем не е неуставно и спротивно на автономијата на Универзитетот да се посега по проверка на знаењето од страна на парадржавен орган, Одбор за акредитација и евалуација, избран од Собранието, а не од самиот Универзитет и тесно поврзан во работењето со Владата ?
-Зарем не е спротивно на Уставот и на Европската конвенција за човекови права да се нарушува приватноста на студентите кои ќе се снимаат за време на полагањето, а снимката ќе стои на веб-страницата на МОН, па и на Јутуб?
-Зарем не е незаконски (Закон за вработените во јавниот сектор), на државни универзитети да се поставуваат декани и ректори –странци? Што станува со одговорноста, што станува со јазикот за интерна комуникација?
-Зарем верувате дека со бројните тестови и проверки од страна на државни и полудржавни тела ќе се профилира „наставник-натчовек“ и нема да се загрози знаењето од незнањето, знаењето од политиката?
-Зарем верувате дека со тест од типот а, б, в, г ќе го провериме „вистинското“ критичко знаење и квалитет, а не само меморијата, отворајќи простор за паралелен испит, но и овозможувајќи трговија со тестови, опасност од нивно пробивање, дополнителни трошоци за студентите, но и за државата и факултетите?
-Зарем малку млади и дипломирани кадри ни избегаа од Македонија, пa е потребно дополнително да го поттикнеме одливот на мозоци?!
-Зарем мислите дека „салто –морталето“ на моделот на студирање од „ Болоњски“ во „ново-македонски“, без никаква анализа и дијагноза и без никакви подготовки значи реформа, а не вовед во парализа и вакуум?
-Зарем мислите дека со заборавањето дека SCOPUS е европски пандан на Thomson Reuters преку ноќ ќе станеме aмерикански научници во сите области, па и во оние кои се врзани за поинаква, европска традиција?
-Зарем мислите дека со дваесет пати помалку јавни фондови наменети за науката може да се реализираат наметнатите законски критериуми?
-Зарем ќе потпишете небулозно решение според кое (не)полагањето на државниот испит од страна на странските државјани се врзува за припадност на членка на ОЕЦД, како економска асоцијација!?
-Зарем мислите дека со затворски казни, непримерни за образованието од средниот век до денес, ќе добиеме подомаќинско, правно втемелено и подобро универзитетско управување?
-Зарем мислите дека толку долга треба да биде државната неуспешна рака за да ги „дисциплинира“ универзитетите? Тогаш што подразбирате под автономија на универзитетите, која иронично, е регулирана во истиот закон?
-Зарем мислите дека со одредба, која остана недопрена, а која се дава можност да се преполагаат испити, пет години по дипломирањето, како „законски повик“ за фалсификување на јавна исправа ќе се реформираме?
-Зарем мислите дека со дискриминаторската августовска измена на Законот за високо образование, со која мажите на Универзитетот може да го продолжат договорот за работа до 67 години, а жените до 65 години, сме на линија на уставно гарантираната полова еднаквост, заборавајќи на неколкуте поништувачки одлуки на Уставниот суд на слични законски одредби?

Извинете нѐ за примерите, но ги посочивме во поткрепа на барањето и во функција на Образложението на евентуалното вето.

Цврсто уверени дека со овие законски измени се кршат Уставот и човековите права, како и европските и меѓународните документи кои ја гарантираат универзитетската автономија и принципите на квалитетното образование, веруваме дека ќе постапите ДРЖАВНИЧКИ, согласно вашиот уставен статус и уставни надлежности, водени од сопственото уверување, со почитување на една од најголемите европски вредности : ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО!!!“, стои во писмото.