СП: Иванов најави дека ќе одлучува како претседател, а не како професор

Без да прејудицира каков било чекор, потпишување или непотпишување на указот, претседателот најави дека кога ќе одлучува, тој ќе настапи во својство на државник, во својство на претседател, а не како професор, изјави претставникот на Студентски Пленум, Константин Битраков, по денешната средба со претседателот Ѓорге Иванов.

На средбата, која се одржа по барање на Професорскиот и Студентскиот пленум, присуствуваше уште еден претставник на студентите – Кирил Арсовски, како и професорите Гордана Силјановска и Абдулменаф Беџети.

Студентите истакнаа дека се надеваат на позитивен исход од средбата и дека Иванова ќе го искористи правото на вето за државниот испит.

„Никој досега не нè удостои на таков начин нас студентите кои застанаа во одбрана на уставноста и автономноста на универзитетот. Претседателот ги ислуша нашите аргументи и забелешки за предложениот закон и  се надеваме на искористуваање на претседателското вето како единствениот механизам во нашиот уставен и правен поредок за влијание на извршната на законодавната власт. Со тоа ние сме свесни дека парламентарното мнозинство не би било спречено повторно да го изгласа законот со апсолутното мнозинство, но постои надежта дека со тоа ќе се изврши едно пред сè, морално и политичко влијание на претседателот“, додаде Битраков.

Професорите на средбата исто така укажале на повеќе спорни одредби во измените на Законот за високо образование, почнувајќи од загрозувањето на автономијата на универзитетот и затворските казни за деканите. Тие повториле дека државниот испит не е добра реформа поради тоа што со заокружување А, Б, В, Г, Д,  не може да се провери знаење. Потсетија дека според Болоња, оценката на знаењето е многу подлабока и поширока и опфаќа истражувања, есеи и учество на часовите.

Професорката Гордана Силјановска рече дека тие решиле да посегнат и по последниот можен правен инструмент – ветото на претседателот на државата, односно непотпишувањето на указот за прогласување на законот.

„Нашите аргументи се на долго и на широко елаборирани на 130 страници…Ние укажавме на основната одредба врзана за автономијата на универзитетот и законските одредби. Укажавме на многу спорни одредби, од типот за Одборот за акредитација и евалуација, во кој навистина ќе седат професори, но по амин од Собранието, со што се заканува политизација бидејќи Собранието е политички орган“, изјави Силјановска и додаде дека тие ја потенцирале опасноста со предложеното снимање на студентите за време на испитите да се наруши приватноста на студентите.

„Во судот во Стразбур има веќе такви одлуки… Затворските казни исто така се некомпатибилни со благородната мисија на образованието и науката“, додаде професорката.

Денеска со барање за средба со претседателот Иванов излезе и Иницијативниот одбор на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование, кој се појави како контра пленум на Професорскиот пленум.

По средбата со претставниците на Студентскиот и Професорскиот пленум, Кабинетот на претседателот излезе со соопштение во кое се вели дека Иванов предлага да се одржи заедничка средба со претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на Граѓанската иницијатива која ги поддржува измените на Законот за високо образование.

Иванов најави дека утре ќе ги прими и претставниците на оваа иницијатива, односно професорскиот контра-пленум.