Премиерот на Исланд поднесе оставка

Премиерот на Исланд Сигмундур Гунлаугсон поднесе оставка во пресрет на политичката криза поради офшор инвестициите на неговото семејство, кои беа откриени преку т.н. „Документи од Панама“.

Објавените тајни документи, од правната фирма на Панама, Мосак Фонсека, покажуваат дека  Гунлаугсон, заедно со својата сопруга, бил сопственик на офшор компанијата Винтрис. Тој беше обвинет дека со нејзината помош сокрил повеќе милиони долари. Објавувањето на информациите за незаконското работење на Гунлаугсон го предизвикаа бесот на јавноста, по што вчера пред зградата на парламентот во Исланд, беше одржан масовен протест, на кој беше побарано негово заминување од премиерската функција.

Локалните медиуми пренесуваат дека негова замена ќе биде актуелниотт министер за земјоделство и риболов Сигурдур Инги Јохансон, а Гунлаугсон ќе остане лидер на Прогресивната партија.

Денеска беше најавен уште еден протест во Рејкјавик, поради незадоволството на јавноста од премиерот.