[Фото] Протест во Исланд, граѓани фрлаа јајца и јогурт кон зградата на Парламентот

Огромен број демонстранти го преплавија плоштадот пред Парламентот, денеска во Рејкјавик, главниот град на Исланд, повикувајќи го премиерот Сигмундур Давид Гунлогсон и неговата влада да си поднесат оставка и да се одржат нови избори.

Демонстрантите удираа во оградата поставена пред зградата на Парламентот, тропаа на тенџериња, тави и парчиња од дрво, а дел од нив, гневот го покажаа фрлајќи јајца и јогурт.

„Се чувствувам изневерен. Лут и изневерен. Министерот не излажа, и мислам дека е премногу срамно од негова страна едноставно да ги игнорира сите тука вечерва“, рече Бјорн Џонсон, дел од присутните кои протестираа.

Пораката на протестот беше јасна – да се одржат нови избори што е можно побрзо.

Барањето за оставка на премиерот доаѓа по вчерашното откритие дека тој, заедно со уште двајца други министри во неговата влада, се вмешани во даночни измами, со помош на неколку оф-шор компании во Панама.

Меѓутоа, премиерот инсистира дека не направил никаков криминал и ги обвини медиумите дека водат кампања против него. Тој, исто така, ги отфрли повиците за негова оставка.

„Не сум размислувал да дадам оставка поради ова, и јас нема да поднесам оставка поради ова“, изјави премиерот за Асошијетед Прес.

Приказната која избувна во неделата претставува глобална новинарска соработка позната како „Панамски документи“, кои претставуваат досега невидено „протекување“ на информации за корупција, односно 11,5 милиони документи од една од најголемите адвокатски фирми „Mossack Fonseca“.

ОБЈАВЕНИ 11,5 МИЛИОНИ ДОКУМЕНТИ КОИ ДОКАЖУВААТ ОГРОМНИ КОРУПЦИСКИ АФЕРИ