Полицијата ги пропушти демонстрантите, обоено Министерството за финансии

Шарената револуција вечерва удри по Министерството за финансии, откако претходно повеќе од еден час полициските едниници ги држеа затворени за демонстрантите сите пристапи кон зградата. Сепак, дел од нив преку гаражите и влезовите на Градски ѕид стигнаа пред министерството, по што беше урната и оградата кај „Бристол“.

Откако стигнаа до Министерството, започна боење на зградата, а дел од демонстрантите фрлаа парички алудирајќи на растечкиот јавен долг на државата.


Протестот денеска се организираше во знак на револт поради најавите за нови државни задолжувања и издавањето еврообврзница тешка нови 650 милиони евра. Демонстрантите прво се собраа пред СЈО, од каде низ центарот на Скопје продолжија кон Министертвото за финансии, во непосредна близина на партискиот штаб на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ.

Сепак, сите пристапи беа блокирани од единиците на ЕБР, а демонстрантите безуспешно се обидуваа да го пробијат кордонот извикувајќи „Партиска полиција“, „Кај ви е душата“, „Срамота“.


Дел од шарените сепак успеаја да најдат простор меѓу зградите, по што го активираа чаталот и одовде фрлаа балони со боја кон Министерството.

Мотото под кое денеска се движеа демонстрантите гласеше „1,1 милијарди причини за крај“. Со него тие порачаа дека не прифаќат државата и граѓаните да тонат во долгови, како и дека не ги признаваат „долговите на расипниците“.