ОЈО: Седум лица лишени од слобода за нередите во Собранието

Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје, по прибирање на релевантен доказен материјал, информираше дека за петнаесеттемина инволвирани во нередите кај Собранието на Република Македонија првично започнало постапка поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело  „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ од член 384 од Кривичниот законик (КЗ).

„Во моментов, седум од лицата се лишени од слобода. Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, за четиринаесет од осомничените предложи до судија на претходна постапка да им биде определена мерка притвор. За едно лице е предложено определување на мерки на претпазливост“, соопштуваат од ОЈО, потенцирајќи дека истрагата на Обвинителството продолжува во насока на целосно расветлување на кривично – правниот настан.

Во однос на насилниот упад и насилствата во Собранието, од МВР вчера информираа дека до Основно јавно обвинителство се поднесени кривични пријава против 15 лица. Б.М. (38) од Скопје, Д.Х. (43) од Прилеп, Н.М. (34) од Скопје, К.Џ. (54) од Скопје, Ѓ.Б. (44) од Скопје, Д.Д. (45) од Скопје, В.Н. (45) од Скопје, С.П. (57) од Скопје, А.З. (63) од Скопје се сомничат за извршено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по член 384 од КЗ.

Против лицата, пак, Д.В. (36), А.С. (39) и М.Ц. (39) М.С. (47) четворицата од Скопје, поднесена е кривична пријава поради постоење сомневање за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по член 385. А лицата Д.А. (62) од Скопје и И.Ј. (46) од Куманово се сомничат за две кривични дела „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл 384 и „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по член 385.