МВР: Кривични пријави за 15 лица учесници во нередите во Собранието

Во однос на насилниот упад и насилствата во Собранието, од МВР соопштуваат дека до Основно јавно обвинителство се поднесени кривични пријава против 15 лица за „учество во топла што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ и за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

Во прилог ви го пренесуваме целиот извештај на МВР за пријавените лица:

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до Основно јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против лицата Б.М. (38) од Скопје, Д.Х. (43) од Прилеп, Н.М. (34) од Скопје, К.Џ. (54) од Скопје, Ѓ.Б. (44) од Скопје, Д.Д. (45) од Скопје, В.Н. (45) од Скопје, С.П. (57) од Скопје, А.З. (63) од Скопје, поради постоење на основи на сомневање за извршено кривично дело “Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл 384 од КЗ на РМ.

Против лицата, пак, Д.В. (36), А.С. (39) и М.Ц. (39) М.С. (47) четворицата од Скопје, поднесе кривична пријава поради постоење на основи на сомневање за извршено кривично дело “Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл 385 од КЗ на РМ. А против лицата Д.А. (62) од Скопје и И.Ј. (46) од Куманово поради постоење на основи на сомневање за извршени две кривични дела “Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл 384 од КЗ на РМ и “Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл 385 од КЗ на РМ.

Врз основа на предгледани видео материјали и превземени оперативни мерки извршена е идентификација на горенаведените лица, и петмина од нив веќе се приведени. Покрај ова, МВР до надлежното ОЈО достави и посебно известување за организаторите на протестите за евентуалното натамошно постапување на обвинителството околу целосното расчистување на случувањата од 27.04.

Инаку, според досега документираните сознанија, на  27-ми овој месец околу 19,00  часот пред и во Собранието на Република Македонија, пријавените, по завршување на седница каде е избран преседател на собрание како и за време на одржување на прес конференција во салата, откако го пробиле кордонот од УПС кој бил поставен пред Собранието, влегле внатре каде извршиле оштетување на ходникот, а потоа физички ги нападнале полициските службеници на внатрешното обезбедување А.Ј., В.К., Б.Ѓ. по што влегле во салата 3 каде се одржувала прес конференција и физички ги нападнале присутните З.З.  (42) од Струмица, З.С. (44) од Струга, Р.Ш.Ј. (44) од Скопје, О.С. (40) од Куманово, С.М. (53) од Скопје, како и други пратеници од политичките партии на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.

Пријавените Б.М., М.С, Д.А., И.Ј, Д.Х., Н.М., К.Џ., Ѓ.Б., Д.Д., В.Н., С.П., Д.В., А.З., А.С. и М.Ц. со наведените зеднички дејствија со употреба на физичка сила и закани сториле насилства спрема луѓе и оштетиле имот, со што ги извршиле напред наведените кривични дела.

Од страна на ЕНК ОКСД извршени се проверки во Клинички Центар Мајка Тереза  – Неврохирургија во врска со повредениот пратеник З.С., а со вработените во обезбедување на Собранието Б.Ѓ. и В.К. извршени се службени разговори.

По настанот, по предходна консултација со Јавен обвинител од страна на ЕУМНА при СВР Скопје извршен е Увид како и кримтехничка обработка на местото на настанот за што се изготвени Записници. Од страна на Основно јавно обвинителство Скопје, издадени се Барања за доставување податоци од повеќе електронски медиуми,  ЈП УЛИЦИ И ПАТИШТА, МВР на РМ УБК ООТПО како и наредби за вештачење до МВР на РМ – ОКТИВ кои откако ќе бидат изготвени дополнително ќе биде поднесен соодветен службен материјал.

СВР Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности со цел идентификување и документирање и на други лица учесници во настаните од 27-ми овој месец во Собрание на Република Македонија.