Новинарите се солидаризираат: И „Вест“ од 17 февруари ќе штрајкува со „Утрински весник“ и „Дневник“

Новинарите и медиумските работници од редакцијата „Вест“ донесоа одлука да им се приклучат на штрајкот на колегите од „Утрински весник“ и „Дневник“, кои се под капа на  издавачот „Медиа Принт Македонија“(МПМ).

„Тие  (‘Вест’ н.з.) формираа штрајкувачки одбор и го известија менаџментот дека заедно со колегите од другите изданија на МПМ започнуваат со прекин на работата на 17 февруари. Нивните барања се исто така итна исплата на платата за декември и исплата на платата за јануари најдоцна до 15 февруари“, соопштуваат од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ).

Новинарите од дневните гласила на МПМ и денеска групно излегоа да го искористат своето право на пауза, со цел, меѓу другото, повторно симболично да го изразат незадоволство од односот на компанијата. За Радио МОФ дел од новинарите потенцираат дека од менаџментот досега нема никаков одговор, ниту желба за средба и за исплата на плати.

„Не само што немаме земано плата за декември, туку не сакаат ниту да разговараат. Последниот муабет е дека ‘нема што да правиме муабет’“, вели новинар од дневен весник од МПМ, кој додава дека од 17 февруари е предвидено во првите два дена да се штрајкува по 4 часа, а потоа времето да се зголемува на 6 часа.

„Уште во петокот на јавно место, на огласни табли ги истакнавме правилата за штрајкување. Таму децидно стојат информации за штрајкот, а со цел подобро да се запознаат новинарите и медиумските работници“, велат синдикалците.

ССНМ соопшти дека одлуката за штрајк во МПМ денеска доби поддршка и од Меѓународната и Европската федерација на новинари.

„Ова е тотално неприфатливо. Како можат колегите да си ја вршат работата кога не се платени? Читателите и другите членови на новинарската заедница треба да ја поддржат оваа борба бидејќи се крашат правата на работниците и се загрозува на правото на јавноста на пристап до информации. Ние се солидаризираме со нашите колеги“, велат од двете најголеми новинарски организации во кои ССНМ е полноправна членка.

За најавениот штрајк се обративме до МПМ, каде не препратија до секретаријатот на претседателот на управниот одбор Срѓан Керим. Од таму, пак, не дадоа никаква информација за случувањата. Чекаме било каква реакција или став.

Инаку, во ноември кога дојде оној ултиматум „или отпуштање 10 новинари, или затворање на ‘Утрински весник’“, претседателката на ССНМ, Тамара чаусидис нагласи дека компанијата веќе во континуитет тврди дека има финансиски проблеми и тоа го ефектуира со постојани намалувања на плати, откази и технолошки вишоци. ССНМ тогаш искажа жалење што се покажало дека еден од најбогатите македонски бизнисмени Орце Камчев, како еден од сопствениците на МПМ, за разлика од другите негови бизниси „така маестрално потфрли во водењето на медимскиот бизнис, но должни сме да кажеме дека финансиската состојба не е резултат на работењето на новинарите“.

„А тие го плаќаат и треба да го платат туѓиот менаџерски неуспех и поради тоа ние јавно протестираме. Ние сме цврсто уверени дека актуелната лоша економска состојба во компанијата и намалените тиражи на весниците најмногу, потенцираме најмногу, се последица на слугински однос на сопствениците кон власта. Таквиот однос продуцира лоши деловни одлуки, мешање во уредувачката политика и на крај производ – весник, кој не е интересен за публиката. Ете затоа паѓаат тиражите. Затоа што сопствениците, за да бидат ценети кај властите, се дрзнуваат да запираат затворен весник во печатница и да менуваат насловни страници или пак да менуваат цели уредувачки тимови во тиражно успешни весници и за 6 месеци да ги сведат тие весници на безвреден и неинтересен медиумски производ. Оттука, секое фрлање вина на некој друг е неприфатливо, а прогласување на новинари за непотребен вишок е бесчуствителна одлука и срам за сопствениците на компанијата“, забележа Чаусидис.

Б.Ш.