Нов протест пред Уставниот суд за одбрана на Уставот

Граѓанското движење „Ајде“ најавува втор протест денеска (25 февруари),во 17.30 часот пред Уставниот суд на Република Македонија.

Протестот се организира во знак на револт од вчерашната одлуката на судиите да дозволат преиспитување на уставноста на законот кој забранува Претседателот да помилува осуденици за изборен криминал, педофилија и други тешки дела.

Ваквата одлука донесена во рекордно време , појаснуваат од „Ајде“, покажува дека Уставниот суд застанува во одбрана на криминалците од власта кои местеле избори.

„Ние граѓаните нема да дозволиме крадците на нашите животи, преку партиски узурпираниот Уставен суд да си ги спасат своите злосторничко-криминални „кожи“ од издржување на заслужените затворски казни. Нема да дозволиме повторно да си поигруваат со државните институции како да се нивен личен имот или партиски огранок. Во Македонија мора да се врати правдата, почитувањето на законите и пред сѐ, почитувањето на Уставот“, порачуваат од движењето.

Оттаму најавуваат дека денешниот протест ќе биде погласен од тој вчера, а како реквизити повикуваат да се донесат тенџериња, лажици, тави, тавчиња, свирчиња, тапани и граѓанскиот глас и достоинство.

VAF37939