МВР ја затвори „десоросоизацијата“ – невладините неосновано осомничени за корупција

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на денешната средба со претставници на дваесетина невладини организации кои во 2017 година беа под истрага на барање на Државната комисија за спречување на корупцијата, ги информирал дека предложиле затворање на истрагата бидејќи не биле обезбедени докази за да се потврдат сомнежите кои биле предмет на криминалистичката обработка.

На средбата присуствувале и директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски, директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми.

„Министерот информираше дека по завршување на проверките во рамки на меѓуинституционалната криминалистичка обработка, од сите извршени проверки по барањата од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК), доставени се известувања до ОЈО за ГОКК, во кои е наведено дека сомнежите се неосновани, а врз основа на прибавените информации е констатирано дека нема основи за понатамошна истрага. Врз основа на тоа, истражните органи до јавното обвинителство доставија предлог за затворање на истрагата“, соопштија од Министерството.

Истрагата покрената за време на претходната Влада, која во јавноста беше позната како „десоросоизација“, беше насочен кон 20-тина невладини организации, кои минатата година, повеќе од пет месеци, беа под секојдневна контрола на инспекции, под сомненија за вршење на организиран криминал со средствата на нивните донатори.

Граѓанските организации процесот го сметаа за политичко-партиска хајка за замолчување и заплашување на граѓанското општество.