Од „десоросоизацијата“ граѓанското општество излегува со лузни и нови научени лекции

Инспекциите повеќе од пет месеци секојдневно контролираат дел од граѓанските организации. Заедно со политичко-медиумската хајка, по најавите за „десоросоизација“, од НВО секторот ја карактеризираа ситуацијата како обид за нивно замолчување и оркестрирана хајка која треба да предизвика страв, стрес и штета на граѓанското општество.

Фани Каранфилова Пановска, извршната директорка на Фондацијата отворено општество – Македонија, која беше главна мета на повиците за „десоросоизација “, вели дека со упадот на институциите, паралелно во преку 20 организации под сомнежи за вршење организиран криминал со средствата од донаторите, граѓанските организации се соочиле со досега невиден притисок и насилство од институциите.

„Тоа е индикација дека институциите на „заробената држава“ посегнаа по последната работа што веројатно им преостануваше за да ја испратат својата порака кон демократската јавност и кон независната граѓанска иницијатива – а тоа е дека ќе се борат до крај со сите оние што мислат различно од нив. Бидејќи притисоците од институциите не се престанати, ова е сериозен удар на тоа што значи независна граѓанска сцена и граѓански глас и ќе остави трајни последици на тоа како граѓанското општество во иднина ќе се справува со предизвиците“, објаснува таа.

Од промоција на Извештајот на МЦМС

Поделбата на НВО секторот на „подобни“ и „неподобни“ за власта се помалку се прикриваше во последниот период. Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, вели дека соработката со институциите им била ускратена на критичките граѓански организации, додека НВО-ата, кои преку разни кампањи ја поддржувале владеачката политика, добивале блага поддршка од власта, но суштински не придонесувале за политички промени.

„Најголемиот притисок беше преку игнорирање на силно критичките граѓански организации, кои фактички немаа пристап до податоци за набљудување, до институциите и процесите на носење одлуки. „Подобните“ организации или движења беа повеќе во доменот на кампања и видливост, бидејќи се покажаа дека во голем дел, тие немаат капацитет да пристапат во подобрување на политиките во државата“, смета тој.

Граѓаните на улица – граѓанските организации под притисок

Во текот на 2016-та година граѓанските организации имале „релативно овозможувачка околина“ за развој, се наведува во последниот годишен извештај на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Прашалникот на кој одговориле 156 организации, направен пред „десоросоизацијата“, забележува дека пораснало граѓанското учество на протести, но покажува и зголемен број случаи на индиректни притисоци и влошен однос на владата и граѓанското општество.

Симона Огненовска, еден од авторите на извештајот, вели дека регистрирале бројни случаи на ограничување на саканото место за собирање на граѓаните, додека повеќе граѓански организации се соочиле со закани од приватни фирми за објавување содржини на нивните веб-страници, совети да не учествуваат на протести, како и етикетирање од високи владини службеници како платеници, предавници и соросоиди.

„Дури 15 организации добиле телефонски повик од полицијата заради некои нивни несогласувања со промени воведени од Министерството за образование и наука. Објавување лажни информации за членови на организации, навреди, закани, објавување лични податоци. Притисоци од про-владини медиуми, самоцензура заради страв од губење соработка, а оваа година имаме и конкретни примери дека им бил блокиран пристапот до онлајн алатките за комуникација на организации – блокирани профили на членови и често паѓање на веб-страната по организирање дебата и други случаи“, рече Огненовска презентирајќи дел од сведоштвата кои ги споделиле граѓанските организации.

Во извештајот се регистрира и влошување на односот влада-граѓанско општество. Процесот на основање на Советот за соработка меѓу овие две страни забележал напредок, но заради отсуство на консултации тој бил бојкотиран од 93 организации.

Вкупно 70% од НВО оцениле дека нивната вклученост во процесот на носење на политики и закони во 2016-та година бил низок или многу низок, додека само 3% од организациите сметаат дека вклученоста била на високо ниво.

Извештајот забележува и дека финансирањето на граѓанскиот сектор од државниот буџет се уште е далеку од потребното ниво и дека тоа не ги покрива потребите на организацијата.

„По многу години стагнација финансирањето на граѓанскиот сектор од Буџетот е зголемено од 4,5 милиони на 6 милиони евра вкупно, а специфично за граѓанските организации – од 250 на 800 илјади евра, што во споредба со другите држави е многу мал износ. Секторот останува зависен од странски донации и тоа треба да се промени на патот кон ЕУ“, изјави директорот на МЦМС, Александар Кржаловски.

Како понатаму?

Никола Бертолини, од Делегацијата на Европската Унија посочи дека последните години Македонија особено заостанала во областа на овозможување поволна околина за развојот на граѓанското општество. Во своето обраќање до дел од граѓанските организации, тој повика дека не смее да се загуби ентузијазмот.

„Треба повеќе да се посветите и да лобирате, а ние ќе ви помагаме во тие напори. Не сакам да бидам на местото на новата влада – бидејќи ќе добиваат многу барања, многу приоритети, па треба да бидеме мудри во одбирањето приоритети и да бидеме одлучни во нивното спроведување, тука е клучно ова истражување и овозможувачката околина. Оваа можност не смее да се пропушти и ние и вие треба да бидеме подготвени“, рече Бертолини.

Трошановски очекува дека со промената на власта притисокот врз НВО секторот ќе се намали. Сепак, додава дека организациите треба да продолжат со мониторирање на власта и заложбите за поголема демократија и тоа поле да не им се препушти само на политичарите, туку и тие да придонесат со нивната експертиза.

„Перспективите на граѓанското општество со новата влада, барем според декларативните залагања на политичарите, се подобри. Тука е блупринт документот, кој заговара системски реформи, за кои новата влада се заложи дека во дел ќе го поддржи и преземе во својата владина програма. Оваа нова гарнитура декларативно е за поголема соработка со граѓанското општество, тоа и го покажа на неколку наврати, меѓутоа од аспект на опозиција. Сега од позиција, кога ќе треба да носат одлуки и да бидат инклузивни за граѓанското општество, ситуацијата е малку поинаква и ќе видиме како ќе се одвива“, вели тој.

Каранфилова Пановска смета дека атакот врз НВО предизвикало обесхрабрување и недоверба кај граѓаните, но истовремено е убедена дека тие се доволно способни да излезат посилни нивната борба.

„Граѓанските организации ќе преживеат и ќе научат многу лекции како во иднина треба да ги комуницираат сите работи кои ги прават за да можеме да си го вратиме или подобриме местото меѓу граѓаните во ова општество. За жал, се покажа дека тие допрва, во 2017-та година, ќе треба да работат со граѓаните и да им објаснуваат која е нивната улога – дека токму тие се оние кои мораат да бидат будни, постојани критичари на политиките на властите, без разлика кои се“, вели таа.

Даниел Евросимоски 

//