Легнати трупови пред Обвинителство како протест за случајот „Дамар“

ЛГБТИ активистите и нивните поддржувачи денеска напладне излегоа на втор протест пред Јавното обвинителство со кој побараа институциите да ја завршат својата работа и да ги пронајдат напаѓачите кои го демолираа кафе барот „Дамар“ . Со легнати трупови пред Обвинителството тие уште еднаш ја упатија својата порака до надлежните „Истрагата е во тек…До кога?

Пред вратите на обвинителството се забележуваше и туркање од страна на обезбедувањето и полицијата и тие се обидоа да го попречат мирниот протест. Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска рече дека е запрепастена што полициски службеници се обиделе да ги попречат демонстрантите да го остварат своето уставно право на протест и не ги знаат одредбите од Уставот.

– Вџашена сум од вработени во ова Обвинителство, кои што исто така сакаа да испровоцираат да дојде до некоја пресметка помеѓу нас и на сила сакаа да поминат преку групата која стои пред влезот на Обвинителството. Имаме право да го одржуваме овој протест, кажавме дека ќе трае 30 минути и повторно од страна на полициските службеници и некои непознати, неуниформирани лица бевме попречувани да го направиме тоа, изјави Пировска.

10805199_728767453872015_103865997_n

Таа најави дека ќе продолжат да одржуваат протести, се до оној момент додека не бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата сторителите на сите напади кои се случија на ЛГБТ заедницата во Македонија.

– Нашиот фокус е повторно на Јавното обвинителство бидејќи од страна на полицијата добивме информации дека Министерството за внатрешни работи и за нападот од 23.06.2013 и за овој последен напад кој се случи во кафето „Дамар“, има поднесено извештаи до Основното јавно обвинителство. Ја слушнавте изјавата на Зврлевски, тоа за нас е поткрепа дека обвинителството не си ја врши својата работа како и за индолентниот став што го има за нашиот случај, додаде Пировска.

Јавниот обвинител Марко Зврлевски минатата недела во изјава за медиумите рече дека не е известен за тоа колку и какви напади имало врз ЛГБТИ лицата. Во последниот напад на кафе барот „Дамар“, кој беше шести по ред врз ЛГБТИ заедницата, беа повредени две лица, откако насилна група од 20 до 30 лица започнала да мава со стаклени шишиња кон гостите, кои присуствувале на прослава по повод две години од основањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка.

10799631_728767380538689_1659604914_n