[Интервју] Теменугова: На македонските ученици им треба „филтер“ за манипулации и лажни вести

Aко денеска учениците не се медиумски писмени, лесно можат да бидат изманипулирани од медиумите. Во едно море од информации што ги примаме, од различни извори, а пред се’ од мас-медиумите, мора да имаат личен филтер. Тој „филтер“ е склоп од знаења и вештини за препознавање на медиумската содржина, манипулациите или лажните вести, вели во интервју со Радио МОФ Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и односи со јавност.

Медиумската писменост е можност за пристап до информации, до медиумски содржини, нивна анализа, евалуација и способност да се креираат медиумски содржини. Oсновните концепти се споменати уште од 1992 година во Аспен, САД. Тоа се традиционални дефиниции. Меѓутоа, вели Темнугова, оттогаш поминаа над две децении, па сега се форсира и применува посовремен концепт. Граѓанинот не треба да прима само пораки, да биде пасивен консумент на медиумски производи, туку т.н. „prosumer“, со проактивна улога и ангажирано дејствување во општеството.

Во земјава последниве година-две почесто се споменува „медиумска писменост“. Сепак, дел новинари и комуниколози уверуваат дека малку доцниме со ваквото образование, особено што се појавуваат нови медиуми, нови трендови, форми на изразување, а со тоа и нови форми на манипулација. Каде се наоѓа Македонија во целава приказна?  

Зависи со кого се споредуваме. Со регионот можеби не сме на дното, со оглед на сериозното портфолио од 2008-2010 година кога со поддршка од МОН, преку Бирото за развој на образование, ги обучивме сите наставници во основно и средно образование да предаваат медиумска писменост. Тоа беше незадолжителна програма, оставена на избор на самите професори. Почетно ниво да можат да вклучат пет часови во предметот мајчин јазик. Се увиде дека зависи од личниот порив, ентузијазмот за таа материја. Сепак, тие проектни активности, суштината на медиумската писменост, се ставени на периферијата. Професорите покажуваат дека недоволно се применуваат овие предлог-курикулуми. И ако гледаме системски, прашање е дали наставниците се доволно мотивирани…

Но, што е со трендовите, дали заостануваме…?

Мислам дека работите почнуваат да се движат. Формирана е и Коалиција за медиумска писменост. Оваа сфера одеднаш станува „жешка тема“, не само во Македонија. Во Европската комисија, во сите нови регулативи… Директивата за аудио и аудиовизуелни услуги беше ревидирана, медиумската писменост тргната, но потоа, на инсистирање на група академски професори, повторно беше вметнат член, што претставува успех за ваквата писменост.

Дали ова значи дека сме во фаза на „опипување“, или со стекнатото знаење веќе можеме да зборуваме за соодветни модели за формално образование?  

Tече јавната расправа за Стратегијата за сеопфатно образование 2018-2025. Ја видов Стратегијата, но медиумската писменост не се споменува ниту еднаш. Се споменува за  дигитална писменост и вклучување на информациско-комјутерски (ИК) технологии, минумум 30% од наставата. Тука имам забелешки, затоа што компјутерската и дигиталната писменост, всушност, се составни делови од медиумската писменост. Taa претставува чадор од разни писмености. Зошто, на пример, не се изучува и филмската писменост? Вака, повторно изоставува систематско описменување. Се прават промени за критичко размислување кај учениците, меѓутоа, тоа може да се прави и преку медиумска писменост, да се стават учениците пред тест да најде дали во одредена информација има извори, извртени факти, дали е етички напишано итн.

Рековте, медиумската писменост е чадор на писмености. Треба ли паралелно образование на сите овие писмености, со цел пошироко културолошко „пркнување“?

Јас постојано прашувам, зошто не се организираат повеќе отворени денови за посета на медиуми? Канада има „недела на медиуска писменост“, кога меѓусебно се запознаваат медиумите со учениците. Секое дете да знае како функционираат новинарите што ги гледа на ТВ, редакциите, како чичкото што води вести чита од „идиотот“. Истото важи и за филмската писменост. Да се однесат на филмски сет, да ги видат маските, шминката на глумците, да дознаат како се прават ефектите, да направат споредба како е тоа во реалноста, а како се прикажува во филмовите. Tие информации можат да се овозможат и онлајн, но директната перспектива ќе има поголемо влијание и посилен впечаток.

Високата школа правеше истражување „Медиуската писменост: Алката што недостасува за активно граѓанство“. Кои се главни заклучоци?

Со истражувањето се фокусиравме да дознаеме дали и како се изучува во средното образование. Она што охрабрува е дека нашите деца знаат да ги користат медумските содржини многу повеќе од возрасните. Тоа е нормален природен процес, не само кај нас. Ако пред десет години беше актуелно да си ги заштитиме профилите на Фејсбук, сега влегуваме во нова фаза – да бидеме „разумен дигитален жител“ во земјата. Тука има многу работа. Не можат децата да го направат тоа сами. Им треба поттик, стимул да размислуваат и, во пракса, да го усовршат. Сеопфатна работа и дома, и на училиште, и во кино, и во театар. Сите овие медиуми имаат свои пораки.

Александра Теменугова на медиумска лабораторија во гимназијата „Орце Николов“; извор: medium.edu.mk

Постои ли некакво оптимално возрасно ниво за почеток на овој вид образование, согласно развојот на детето?

Што порано – толку подобро! Финците веќе сериозно работат за вклучување на медиумската писменост во градинките. Ние не можеме да се споредуваме, бидејќи е различен контекстот на живеење. Имавме мејнстрим медиуми кои буквално не бомбардираа, и се’ уште не бомбардираат со агенди кои ни ја изместуваат реалноста. Меѓутоа, да почнеме од она што можеме, колку ни е долга чергата. Основата да ја примениме во основно образование. Постојат одредени наставни единици по предметот Македонски јазик каде децата учат што е вест, анализа, што се весници и сл. Меѓутоа, тука има и застарени информации. Внатре се збори за „Време“, „Шпиц“, за весници што не постојат. Од една страна, убаво е што се запознаваат за основните жанрови, но е премногу доцна да се изучуваат дури во четврта година гимназија. Дополнително, заклучок во истражувањето е дека во гимназиите има помалку часови што спаѓаат под медиумска писменост, отколку во стручно образование.

Ако би се вовел посебен предмет „Медиумска писменост“, дали освен за учениците, ќе треба претходна едукација и на наставници, за да можат да ја предаваат материјата?

Кога ги обучувавме наставниците, тоа беше пред цела деценија. Технологијата направи скок. Не е драстичен, но треба да се фати чекор со времето. Соња Ливингстон вели „вие ќе направите одредени реформи во образованието, меѓутоа имајте предвид дека образовните промени се троми, па додека ги направите, технологијата ќе оди многу понапред“. Пример, имавме „Комјутер за секое дете“, видовме дека не функционира, застарени се компјутерите… Еве, ако се форсира „таблет за секој ученик“, но додека тоа се спроведе, се направат тендери, нарачки.. спецификациите за таблетите одат напред, па тие веќе ќе бидат застарени.

Преку професијата често одите на терен низ образовни установи. Постојат ли технички и просторни услови за медиумско описменување и продукција?

Често во училиштата сакаме да покажаме ресурси достапни онлајн. Некогаш недостасува просторија за аудиториум од 50-ина деца. Проблем е и што немаат безжичен интернет, или е ограничен, па не фаќа во просторијата каде сме присутни. Ова е од лично искуство. Можеби е најцелисходно искуството пренесено во истражувањето, каде разговаравме со наставници: од една страна, треба да вклучат 30% од наставата преку употреба на ИКТ, меѓутоа, се соочуваат со застарени бази за географија, атласи итн. Базите постојано некој треба да ги ажурира, администрира. Потоа, недостасува физички простор. Пример, во функција е просторија со ЛЦД проектор со интернет, но за училишен кадар од можеби 40-ина професори. Ако сакам интерактивен час со видеа, треба да закажам две недели однапред, но и тогаш немам гаранција дека часот ќе го реализирам. Дел расположливи компјутери веќе не функционираат, други се оштетени, недостасува редовен сервис итн.

Извор: medium.edu.mk

Според професорката Божена Јелушиќ, предметот „Медиумска писменост“ во Црна Гора се вовел и поради политизирање на младите. Потенцира, во Југославија во 1991, војната прво почна во медиумите, па се пренесе на борбено поле. Значи, често „воена сцена“ се прави во медиумите, како во филмот „Wag the dog“, кога се произведува непостоечка војна, за да се добијат избори. Прашањето e колку е тука возможно медиумско описменување, особено во крајно политизирано и поделено општество?

Поминавме низ една гооолема деценија каде политичката пропаганда сериозно згази врз медиумите, така што, условно кажано, останаа многу малку слободни медиуми со доволно капацитет и волја да известуваат за она што се случува, истовремено да продуцираат теми од јавен интерес. Се’ друго беше извртена реалност, без допирни точни со реалноста. Во такви услови и тоа како е потребно да има медиумски писмени граѓани, кои би препознале дека она што им се сервира од мејнстрим медиумите е извртена реалност. Медиумската ситуација почнува да се менува. Се надевам, медиумите ќе имаат доволно капацитет да го критикуваат она што не е добро, бидејќи тоа оригинално им е исконската кауза.

На конференцијата „Е-општество“ беше презентирано истражување, чиј заклучок е дека постои „ерозија на довербата кон медиумите“. Може ли ваквата писменост да ги помрдне работите кога во прашање е кредибилитетот на медиумите?

Ова е сфера за која ме радува што почнува да се збори, а, второ, неопходно е да се збори за да се подобри ситуацијата. Актуелни бевме по сториите за лажните вести во Велес, но настрана од содржината и нејзиниот контекст, внатре во самата вест – прекршени се повеќе новинарски правила. Медиумите можат да ја промовираат медиумската писменост само доколку професионално си ја вршат работата. Што значи тоа? Пред се’, да доставуваат веродостојни информации – навремени, точни, проверени. Да го штитат интегритетот на своите извори. Да имаат независна уредувачка политика. Отчетност и транспаретност. Секој медиум треба да ја стави на јавен увид сопственичката структура. Медиумите да бидат поотворени за интеракција со публиката. Медиумите не се само сервис на информации, тие се обраќаат на публиката, тие се живи луѓе.

Бојан Шашевски

 

*Интервјуто е објавено во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.