„Е-општество“: Со слобода ќе си ја заштитиме приватноста

Начините на регулација во медиумите, јавниот сервис, (не)довербата кон новинарите, слободата на изразување во општеството и потенцијалните реформи во медиумската сфера беа во фокусот на денешната конференција „Е-општество“, организирана од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Повеќе медиумски експерти и претставници од организации, институции и фондации во „Холидеј ин“ изнесоа свои ставови, искуства и решенија на темата „Медиуми и приватност“. Еден од заклучоците беше дека ни треба слобода за да си ја заштитиме приватноста, а медиумските реформи мора да се направат професионално. Преку дебата и со вклучување на сите засегнати страни и отворен партнерски пристап од институциите на системот.

Лично мислење на министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски е дека проблемите во медиумската сфера, се токму поради одредени портали кои пласираат одредени вести, а нивните уредници никогаш не беа декларирани. Не знаеме кој стои зад тие портали, нивните сопственици се од некои офф-шор дестинации, вели тој, а овие вести беа преземени од мејнстрим медиумите во Македонија и беа пласирани како главни вести.

„За жал, ние станавме познати во цел свет како извор на лажни вести. Имаше пред неколку месеци доста странски новинари. Правеа интервјуа со мене за лажни вести, одеа и во Велес… Ме прашуваа зошто баш Македонија стана извор на лажни вести!? Мојот логичен одговор, личен став, беше дека ние живееме во општество на лажни вести веќе 6-7 години. Младите во Велес, и било каде, се израснати во општество на лажни вести“, рече тој, дополнувајќи дека постои голем етички проблем за тоа до каде е линијата, до каде треба да се оди во регулација, а кога се навлегува во приватноста.

Според Манчевски, Владата не смее да биде моторот на реформите во медиумската сфера, туку медиумските работници и самите медиуми.

„Ние како Влада, единствена амбиција ни е да им обезбедиме простор, дебата и механизам. Ние сме алатка за спроведување на тоа што тие сметаат дека треба да се донесе. Како Влада сме тука за да седнеме и да се чујат потребите за какви било измени, но, исто така, дебатата за тоа не треба да трае до недоглед. Дебатата како дебата е корисна, но треба да се движиме и кон донесување одлуки и решенија“, нагласи Манчевски.

Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) постави прашање дали е можна слобода без сериозна заштита на приватноста?

„Значи ли екстремната заштита на приватноста и мерките – ограничување на слободата? Треба ли слободата и приватноста да одат рака под рака, ако сакаме да го задоволиме јавниот интерес, или можеби можеби одат во сосема спротивна насока и се судираат? Каде и која е линијата за да го обезбезбедиме јавниот интерес и, притоа, да сме сигурни дека сме доволно слободни и доволно заштитени? И мислам дека дека не ги имам вистинските одговори“, вели таа.

Според неа, не постои гаранција дека се’ уште не се прислушува. Со самиот факт што МВР допрва поведува инцијатива за нов закон за оперативно-техничка агенција што треба да го извади делот за прислушување од УБК, вели таа, покажува дека таму поставеноста до пристапот до информации не е променето.

„Во овој домен на заштитата на приватноста од аспект на контолирањето на комуникациите и надзорот, заедно со медиумската сфера, Прибе забележува дека и по две години од првиот извештај, во голема мера нема никаков напредок. Мора нешто да направиме, сериозно. Законските измени се инструментот, но суштината е многу сериозна. Искрено да ви кажам, јас и денеска стравувам дека сме прислушувани. И не се чувствувам комотно да зборувам на телефон. Мораме час поскоро реално да направиме на тој план“, рече Каранфилова Пановска.

Таа потенцираше дека ФООМ ќе продолжи да ги поддржува граѓанските организации да ја следат имплементацијата на големиот реформски пакет. Без таа поддршка на граѓанското општество, без граѓанско општество што ќе биде стручен, компетентен и објективен критичар на власта, смета таа, „нема да успееме во постигнеме за тоа што се заветивме – никогаш да не ни се случи она што го имавме во последните 11 години“.

Цветан Станоевски од Комисија за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, зборуваше за надлежностите на овој второстепен орган. Во пракса, Комисијата работи по жалби на оние што бараат информации од јавен карактер. Проблем е што различни институции, односно иматели на информации „често не се желни да ги споделат своите информации од јавен карактер со барателите“.

Станоевски даде и мала статистика. Лани примиле 619 жалби, за кои се донесени 269 и 322 заклучока од Комисијата. Во 80% од она што го решиле е во полза на барателите на информации.

„Работиме во склоп на надлежности и целта на Законот – барателот секогаш да биде во право и да ги добие бараните информации. Да седам од ‘таа страна’, јас ќе се контрирам себеси и ќе прашам – дали е тоа така? Статистички, невладините организации учествуваат со 70% во поднесените барања. Последно што ме радува што гледаме ‘будење’ кај физичките лица. Бидејќи како баратели се појавуваат физички и правни лица и од нашата држава, но и од целиот свет. Тоа е еден од критериумите што овој Закон го прави добар, и го прави да котира на високото 16-то место од 111 земји во светот кои тангираат вакви закони“, рече Становски.

Иако се млад орган и постојат 11 години, имаат можности да бидат уште подобри. Еден од критериумите, за да рипнеме од 16-ти до 4-то место, посочува тој, е да почнеме да казнуваме.

„Тоа не го направивме 11 години, сметајќи дека едукацијата е многу подобра форма од ‘стапот’. Зависи која институција тоа ќе го сфати, а која злоупотреби. Неофицијалните бројки за периодот од јануари до август за оваа година велат дека од вкупно 451 жалба, од невладните поднесени се 234, од физички лица – 212. Посебно што ме радува бројката 63 жалби –  новинари. Сепак, во овие 63 не се само новинари, туку и правни лица, односно Здруженија на граѓани кои се занимаваат со истражувачко новинарство. Тоа е добро за јавноста да добие информации од прва рака. Од друга страна, имателите на информации молчат, а најлош е тој молк на администрацијата“, потенцираше тој.

Според Драгица Љубеска од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), треба да се има предвид дека ограничувањата за медиумите „не се наметнуваат туку така“. Не може власта да се повика на „националната безбедност“ или друга можност за ограничување, па на тој начин да се прекршат човековите права. Напротив, вели таа, треба да има добро воспоставен процес за одредување дали слободата на изразување или друго човеково право може да биде лимитирано.

Напоменува, во Македонија сите слободите и правата се загарантирани со Уставот. Но, во Законот за медиуми се утврдени и посебните забрани – за содржини кои повикуваат на агресија, уривање на уставниот поредок, вооружено насилство, дискриминација и поттикнување и ширење говор на омраза.

„Треба да се има предвид дека не е забрането да се известува за постоење на ваков говор, туку е забрането медиумите самите да бидат извор на говор на омраза. Медиумите не треба да станат средство, инструмент за ширење дискриминација и говор на омраза. Во двата медиумски закони се утврдени посебните забрани, но не се предвидени мерки за санкционирање доколку се прекршат“, рече Драгица, дополнувајќи дека АВМУ досега делувала во две насоки – надзори и едукативни мерки.

Зборувајќи за законите со кои се врзани медиумите и нивните активности, Иван Брешковски од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) рече дека е важно да се спомене и судската пракса. Во минатото тоа било инструмент за притисок врз новинарите.

„Во 2012 година имаше над 300 случаи против новинари. Затоа ЗНМ иницираше нов граѓански закон за овие дела, со кој ќе се заштитат правата на новинарите и ќе се даде можност преку демант и исправка да се избегнат долги и скапи судски случаи. Денес, овие постапки за клевета и навреда на новинари се поретки. Информација од јуни 2017 година вели дека постојат 39 вакви случаи. Тоа е позитивен тренд, за да не се заплашуваат новинарите“, вели тој.

Издвои критики за примената на Законот за клевета и навреда – долги судски случаи кои траат по две години. Друго, во Скопскиот суд функционираат само двајца судии за навреда и клевета.

„Мора да ги напоменам онлајн медиумите. Тенденција на Скопскиот граѓански суд е да ги исклучува од одговорност тие ‘штетници’ што нанеле штета. Да речеме, таа се докажала по некоја транспаретна судска постапка, но тие (онлајн медиуми н.з.) се исклучиени од одговорност под образложение дека ‘не претставуваат средства за јавно информирање’.  ЗНМ како Здружение не сака преголема регулација на интернет просторот. Во судиите е клучот. Важно е судовите да се водат според праксата на Стразбур, тогаш нема да има никаков проблем. Во праксата на Европскиот суд за човекови права, доколку е утврдена штета, не е важно каде е нанесена клеветата и дали станува збор за интернет-медиум“, нагласува претставникот на ЗНМ.

Во процесот за превенција од тужби на новинарите, како важен аспект ја споменува промоцијата на саморегулацијата и механизмите во медимите. ЗНМ цели контра преголема саморегулација.

„Во секоја земја во светот, особено во оние нискорангирани на индексите за слобода на изразување, како Македонија која според ‘Репортери без граници’ сме 111-ти од 180 земји, а според ‘Фридом хаус’ се сметаме за ‘неслободна’, важно е да нема преголема регулација во медиумскиот сектор. Таа може да донесе негативни ефекти, да се одрази врз независноста на медиумите и да ја наруше се уште кревката состојба со слободата на изразување. Македонија, за жал, е се’ уште со низок степен на демократија“, констатираше Брешковски.

Искра Белчева од Центар за управување со промени главно зборуваше за проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“. Во склоп на него, меѓу другото, направен е веб-портал www.istrazifakti.mk. Нуди можност да се здружат, поврзат и сораборуваат граѓанските организации и медиумите.

„Постои како една платформа каде секој може да се приклучи, да добие партнер за истражување. Ова значи, отворен е повик за истражувачки идеи. Студенти, граѓани, граѓански асоцијации, организации.. може да пријават било каква идеја за истражување, а ние да да овозможуме да се здружат со медиумите“, нагласи Белчева.

Исто така, спомена и  истражување направено меѓу пошироката јавност. Повеќето одговори одат во насока дека новинарите дискриминираат и „сериозно е еродирана довербата вп медиумите“. Над 60% одговориле дека информациите што ги добиваат од медиумите не влијаат врз нивните политички ставови.

Според Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, успех би било ако во првата фаза од реформите за медиумите се добие вистинско регулаторно тело, кое ќе биде единствен суверен орган во радиодифузијата што ќе применува вистински политики за пазарот да се сведе на својата вистинска димензија.

„Проблемите произлегуваат од тоа што има презаситеност на пазарот, имаме слаба економија, а имаме медиумска сцена како да сме 100 милиони народ. Ние како општество треба да одлучиме како да го зачуваме новинарството што истражува длабоко и ја зборува вистината“, рече Георгиевски.

Освен што треба да информира, едуцира и забавува, вели тој, јавниот сервис треба да се грижи и за сите различности во македонското општество, а ние сме различни по толку многу основи – етничка, професионална, регионална град-село, алтернативна, традиционална итн. За реконструкцијата на МРТВ, смета сега единствено се гледа низ призма на тоа колку проценти од буџетот ќе се одвојат за сервисот.

„Треба сите да седнеме како општество и да се договориме што бараме од јавниот сервис, што очекуваме од него, какви програми, колку луѓе, колку тоа ќе чини… Па, кога ќе видиме колку тоа ќе чини, па тогаш ќе размислуваме дали ќе имаме пари. Еден афоризам од Душко Радовиќ одлично го отсликува нашиот пристап и регулаторен и од општеството кон јавниот сервис. Радовиќ вели ‘Не сте завршиле школо – венчајте се. Немате работа – родите дете. Ништо не решава мали проблеми како уште поголеми проблеми’. Е, така ние ние досега се однесувавме кон нашиот медиумски сервис. Се надевам тоа ќе се промени“, констатираше Георгиевски.

Бојан Шашевски