Хелсиншки бара истрага за кампањата против Средношколски пленум

Хелсиншкиот комитет за човекови права информираше дека денеска се обратиле до нив, родители на деца, како и полнолетни членови на Средношколските пленуми, чии имиња и презимиња вчера се појавија на плакати во дворовите на училишта во Скопје, Куманово и Битола.

Според Комитетот, овој чин претставува брутален акт за задушување на граѓанска иницијатива критична кон политиките на власта и се коси со правото на здружување на средношколците. Плакатите кои индицираат примање на пари заради организирање протести, Комитетот ги оценува како чин кој ги повредува уставно загарантираните права на здружување и можно одржување на протести, како и честа и достоинството на лицата за кои беа изнесени невистинити информаци, поради што беа и јавно етикетирани.

„Сакаме да напоменеме дека во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета е наведено дека за клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити. Исто така, спречувањето или смеќавањето на јавен собир претставува кривично дело“, се вели во соопштението.

Од Хелсиншки потсетија на Уставот на Република Македонија за слободата на здружување, како и правото на одржување на јавни собири. Исто така, Уставот гарантира заштита кога се повредени достоинството и угледот на граѓанинот.

„Земајќи го предвид фактот дека во конкретниот случај се повредени правата на лица кои сеуште не наполниле 18 години, можат да се применат и одредбите од Конвенцијата за заштита на правата на децата. Имено, во член 14 и член 15 од Конвенцијата за правата на детето е наведено дека –децата имаат право на слобода на мислење, слобода на здружување и слобода на мирно собирање. Овие права не може да им бидат ограничени освен оние кои се во согласност со закон и кои се неопходни во демократско општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот поредок, заштитата на јавното здравје или морал или заштитата на правата и слободите на другите“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Воедно, Комитетот ги повика надлежните институции да спроведат истрага за сторителите со цел тие да бидат идентификувани и како што велат, на лицата чии права се повредени да им се овозможи да иницираат или да поведат соодветни судски постапки и да добијат соодветна заштита.