Средношколски пленум: Негативната кампања нема да ја сокрие сликата за образованието

Лошите закони не може да се прикријат со негативната кампања насочена кон оние кои се борат за поквалитетно образование, се вели во реакцијата на Средношколскиот Пленум кои најостро го осудија денешното поставување плакати во неколку градови на кои стојат имиња на членови на Пленумот и текстот „Ставот е мало нешто кое прави разлика. Пример 10000 денари кои ги земам за секој организиран протест“.

„Негативната кампања нема да ја сокрие вистинската слика за образованието во Македонија, таа само ја потврдува платформата на Пленумот која гласно говори за лошите реформи во образованието. Оваа оркестрирана акција врз членови на Пленумот го покажува дното кои може да го дофатат само оние кои бранејќи го својот интерес посегнале по туѓиот интегритет“, стои во реакцијата на Средношколски Пленум.

Идентични плакати, но со различни имиња, како што јавуваат корисниците на социјалните мрежи се делеле во повеќе градови низ Македонија, како Битола, Скопје и Куманово.

За Евгениј Литовски, матурант од СOУ „Тaки Дaскaлo“, Битола, чие име се најде на еден од плакатите, ова е обид за задушување на Пленумот.

„Целта е обичен спин, и страв, поради тоа што се случи со Студентскиот пленум, а Средношколскиот почна да се шири, па со сите сили ќе се обидат да го задушат уште на почетокот. Ја користам оваа прилика, да ги поздравам, да не се трудат за џабе, бидејќи секако нема да им биде успешен обидот“, вели Литовски за Радио МОФ.

Тој вели дека очекува сите свесни луѓе да го препознаат спинот и да ги оцрнат јавно на Фејсбук и по медиуми оние кои ги тераат ваквите кампањи.

Реагираа и од Студентскиот пленум-Битола.

„Вакви гестови не нè обесхрабруваат, напротив, нè прават посилни. Ниеден пленумец нема да оставиме назад, затоа што работиме на принципи на солидарност и соработка и се држиме заедно! А вашите имиња (и тие со лажни профили), заедно со вашите закани – ќе ги објавуваме јавно. Само заокружувајте нè и стигматизирајте нè. Стравот е за вас!“, се вели во реакцијата на битолските средношколци.