[Фото] Средношколци и наставници маршираа во Куманово

Кумановските средношколци за првпат со нивни наставници излегоа на заеднички протестен марш. Со главната парола „Стоп за лошите реформи“ тргнаа од Градскиот плоштад, по што се упатија кон канцелариите на Министерството за образование и наука.

Иако средношколците во Куманово пред два дена започнаа со минимална настава со скратени часови, тие продолжуваат да бојкотираат додека претставници од Пленумот не бидат повикани на средба со министерот Абдилаќим Адеми.

„Ние сме задоволни од денешниот марш, но нема да запреме сè додека не добиеме одговор од Министерството за образование и наука. Така што, од наредната недела можно е да излеземе на уште еден марш. Ова не е крај, бојкотот продолжува со скратени часови“, велат за Радио МОФ од Средношколскиот пленум во Куманово.

Кумановските средношколци претходно започнаа петиција со која побараа од граѓаните да ги поддржат со својот потпис во исполнувањето на нивните барања. Досега, како што информираат, биле собрани повеќе од 1200 потписи.

Денеска повторно на марш излегоа и стотици тетовски средношколци кои уште еднаш кажаа „Не за лошите реформи во образованието“. Како и нивните соученици во Скопје, Куманово, Охрид и Битола, најавија дека бојкотот ќе продолжи.