[Фото] Кумановските средношколци се приклучуваат на маршот во Скопје

Средношколците во Куманово им се приклучуваат на своите соученици во Скопје, кои денеска ќе излезат на втор марш против, како што велат, лошите реформи во средното образование. Утрово тие се собраа пред гимназијата „Гоце Делчев“, по што се упатија кон подрачната единица на Биро за развој на образованието. Оттаму, со организиран превоз тргнаа кон Скопје, на генералниот средношколски марш.

„Утрово се одржа марш на локално ниво, а сега одиме за Скопје, во автобуси сме. Продолжуваме затоа што нашите барања не се исполнети и ја бојкотираме наставата. Вака ќе продолжиме додека не бидат исполнети нашите барања“, вели за Радио МОФ, средношколката Драгана Коцевска, член на Интерниот средношколски пленум во Куманово.

Пленумци се револтирани од вчерашната средба на претставници од Министерството за образование и наука со членови на Унијата на средношколците, која има неактивен статус од 2013 година. Средношколците не беа повикани, иако претходно им беше ветена средба со заменик-министерот Спиро Ристовски.

На вчерашната средба беше решено математиката да не биде задолжителен предмет за сите ученици во средните училишта, туку само за учениците кои се запишани во гимназиско образование и кои на крајот од втората, односно почеток на третата година од средното образование, го одбрале природно – математичкото подрачје.

На ова реагираа и Наставнички и Средношколскиот пленум бидејќи сметаат дека ваквиот потег на Министерството претставува обид да се намали интересот кај средношколците во протестите во пресрет на закажаните маршеви и протести. Воедно, на средбата не било решено за останатите барања за кои се залагаа средношколците.

„Бевме целосно изигнорирани, и од зад грб ни донесоа одлука со која не се сложуваме. Навидум „компримисот“ подразбира само намалување на бројот на средношколци кои би страдале од непромислениот и полн со грешки, нов концепт на државната матура.Нашата солидарност ќе ги победи сите обиди да не разединат и поделат на „оние кои имаат право на избор“ и „оние кои немаат“, се вели во соопштението од Средношколски пленум.

Денеска, покрај маршевите во Куманово и Скопје, за првпат ќе маршираат и средношколците од Прилеп.