НП: Новата одлука за полагање математика е противуставна и дискриминирачка

Наставнички пленум смета дека вчерашниот договорот меѓу МОН и Унијата за средношколци, со кој полагањето математиката на матура ќе остане задолжително за дел од матурантите е противуставен и дискриминирачки, како и дека Унијата е нелигитимен претставник на средношколците. Соопштението од пленумот го пренесуваме интегрално:

„Одлуката којашто денеска е донесена е противуставна. Имено, оваа одлука е дискриминирачка за учениците од природно-математичкото и јазично-уметничкото подрачје во однос на учениците од општествено-хуманистичкото подрачје. Со оваа одлука практично на учениците од природно-математичката и јазично-уметничката насока им е оневозможен изборот (едните имаат математика, другите странски јазик како втор задолжителен предмет), додека за учениците од општествено-хуманистичкото подрачје вториот предмет на матура е изборен. Според Наставнички пленум е недозволиво ученици од исто училиште (гимназија) да полагаат матура под различни услови. И претходната одлука со која за гимназијалците математика беше задолжителен предмет на матура, а за учениците од стручните училишта не, беше исто така дискриминирачка, но ова сега е врв на непромисленост и немање основна концепција.

Ученици наши!

Денес повторно се обидоа да ве изиграат. Дали им успеа? Дали сте изиграни?

Уште една подлост на господата од МОН! Но овој пат видовме подлост и од вашите соученици, од членовите на Средношколската унија кои знаеме дека не ги застапуваат своите интереси и се продолжена рака на оние кои намерно или ненамерно ни го уништија образовниот систем. Средношколска унија не е активна од 2013 година. Како наеднаш за два дена откако се појави, издејствува средба со Раководството на МОН? Но, вие, членовите на Средношколскиот пленум, знаете да се борите и ќе се изборите, зашто вие сте паметни, размислувате, имате цел во животот и не сте ничии поданици. Вие сте денес мудрите, вие сте тие што знаете дека знаете, а ние сме вашите поддржувачи и следбеници. Да ние вас ќе ве следиме. Вашата мудрост е во вашата храброст и ум да се спротивставите на заспаните и оние другите што не сакаат да ја видат и слушнат вашата свест и разумност. Ние само можеме да се гордееме со вас. Иако ние сме учителите во училиштата, вие сте нашите учители од животот зашто ни ја будите надежта, ни го враќате младешкиот елан и вербата дека навистина заедно сме посилни! Имате несебична и безрезервна поддршка од вашите наставници од Наставничкиот пленум.

Доста беше молк! Заедно сме посилни!“