Бојкотот на наставата продолжува, се приклучуваат нови средни училишта

Учениците во средните училишта во Скопје веќе трет ден ја бојкотираат на наставата, а кон бојкотот се приклучија и нови училишта.

Од Средношколскиот пленум велат дека бојкот на наставата има во средните училишта: „Никола Карев“, „Ѓорѓи Димитров“, ГУЦ „Здравко Цветковски“, „Јосип Броз Тито“, „Корчагин“, „Орце Николов“, „Васил Антевски Дрен“, „Кочо Рацин“, Медицинско училиште „Панче Караѓозов“ и други.

Ученици од училиштето „Никола Карев“ велат дека денеска бојкотот е мирен и засега немаат никакви притисоци.

Бојкотот на наставата продолжува, се приклучуваат нови средни училишта

Бојкот во средното училиште „Никола Карев“

„Одиме на училиште, но не одиме на настава. Сите заедно седиме во холот, имаме и разни активности и засега сè се одвива во најдобар ред“, ни изјави ученичка од ова училиште.

Бојкот на наставата се одвива и во неколку средни училишта во Тетово, Охрид и Велес.

Бојкот во гимназијата „Кочо Рацин“ – Велес

Деновиве средношколците постојано се жалеа дека врз нив се прават притисоци од директорите за да го прекинат бојкотот, во одредени училишта имаше и инспекции а се свикуваа и вонредни родителски средба. Родителите ги поддржуваат своите деца во нивните барања, и покрај тоа што преку дел од медиумите беа предупредувани дека следат казни од 2.000 евра за родителите чии деца нема да посетуваат настава.

Бојкот во медицинското училиште „Панче Караѓозов“

Од Средношколскиот пленум велат дека бојкотот на наставата ќе трае се додека не се закаже средба со министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.

Од министерството засега се недостапни за коментар за тоа дали министерот Адеми неделава ќе ги прими претставниците на Средношколскиот пленум, како што претходно самиот најави.

Средношколската унија на Македонија претходно беше примена на средба со Адеми на која е договорено математиката да не биде задолжителен предмет за сите матуранти. Сепак, од Средношколскиот пленум не се согласуваат со овој договор, бидејќи сметаат дека не се исполнети во целост нивните барања, но и дека Унијата не е легитимен претставник на средношколците, поради тоа што како организација има неактивен статус од 2013 година.

Одлуката во државната матура – математика да полагаат само средношколците кои ќе се одлучат за природно-математичка насока, од Средношколскиот пленум ја оценуваат како дискриминаторска, бидејќи го укинува правото на избор на дел од средношколците.

Од Пленумот бараат промена на целиот нов концепт на полагањето државна матура, како и промена на моделот за екстерно тестирање според која оценката од екстерното нема да влијае на крајниот успех на учениците.