Средношколците ја бојкотираат наставата во шест скопски средни училишта, како и во неколку други градови, изјави Огнен Ханџиски од Средношколскиот пленум на денешната дебата на Радио МОФ насловена „Задолжителна математика за дел од матурантите–дискриминациска одлука или разумен компромис?“.
Според Ханџиски, Средношколскиот Пленум веќе две недели по ред бара средба со МОН, но постојано добивале телефонски број што не води никаде.
„Ние сме сите револтирани бидејќи експериментираат на нас. Имаме средношколци кои треба да полагаат 7 испити со обемен материјал, за многу краток период“, додаде тој.
Професорката во средното училиште „Ѓорѓи Димитров“ и претставник на Наставнички пленум, Даниела Ѓорѓевиќ истакна дека во образованието се потребни коренити промени, а не брзи реформи.
„Системот на закани не води никаде. Ние учениците треба да ги гледаме како индивидуи. Тие треба да станат зрели, одговорни линости. Само се брза со некои реформи, непромислено. Пред тромесечието навистина има многу тестови за учениците“, рече Ѓорѓевиќ.
Професорот и поранешен министер за образование и наука, Ненад Новковски рече дека со сила ништо не може да се наметне на учениците.
„Треба многу работа за да се вратат работите во вистинскиот колосек. Нема потреба од реформи кои никој не ги бара. Суштинските проблеми е тоа што во системот се воведуваат работи што не треба да ги има, работата е да се внесе страв“, додаде Новковски.