Звуците на Јамајка го допреа Скопје

Вредеше да се слушне уште еднаш. Две години по неговото прво гостување во Македонија, Дон Мајнот, пејач што седумдесеттите години од 20 век ги живеел заедно со најголемите ѕвезди на реге-музиката од Јамајка, настапи пред скопската публика.

Гето Руди

Концертот во клубот „Блек Котон“, што се одржа вчеравечер, е во рамките на неговата европска турнеја, а во нашата земја, покрај Скопје, ќе настапи уште и во Тетово, Прилеп и Битола.

Радио МОФ ги следеше случувањата. Околу 22 часот почна да загрева регесаурусот Гето Руди со брз сет на модерно реге. По него на сцената се качија „Џамесинџа“ од Србија, кои се всушност промотори на Јамајчанецот на Балканот. Некаде по полноќ, на сцената се појави и ѕвездата на вечерта – Дон Мајнот. Тој во својот едночасовен настап понуди изворни реге-вибрации со примеси на лаверс рокот, правец во регето што прв го отпеа незаменливиот Грегори Ајсакс.

Дон Мајнот добро ја загреа публиката, која одлично реагираше на неговиот звук донесен директно од Јамајка, иако веќе дваесетина години живее во Конектикат во САД. Типично за пејачите од Карибите, Мајнот ја вклучи и публиката во својот настап, која почна да ги пее неговите рефрени, иако досега малку се знаеше за овој артист. Шеесетината минути рутс реге со мелодичниот глас на Мајнот пребргу завршија.

Загреаната публика продолжија да ја „мрдаат“ тетовците „Нати Фаја“, кои од реге навлегоа во рага-џангли и драменбејс сет. Рутсман Ај и Спинкор добро си ја завршија работата и на крајот се вратија на рутс реге, кога журката привршуваше околу три часот изутрина.

Сè на сè, одличен настан, кој му требаше на Скопје и на скопската реге-публика.

Интервјуто со Дон Мајнот, ексклузивно за Радио МОФ, можете да го слушнете во емисијата „Регенерација“, што се емитува во среда во 21.30 часот.

Гето Руди