Зорица Нушева ја освои наградата „Златен сарматски лав“ во Русија за улогата на Петрунија

Филмот „Господ постои, името и е Петрунија” на Теона Митевска се закити со уште една награда.

Најновата доаѓа од Оренбург, Русија, каде на Меѓународниот филмски фестивал „Исток и Запад – Класика и авангарда” на Зорица Нушева за улогата на Петрунија и беше доделена наградата Златен сарматски лав за главна женска улога.

Ова е второ признание за глумата на актерката и веќе единаесетта награда за филмот на меѓународна сцена.

Петрунија има 32 години и е навработена историчарка која живее со мајка ѝ и татко ѝ. Живеат од социјална помош и од работата што повремено ја наоѓа мајка ѝ. Петрунија одбива да се вработи во текстилна фабрика. Таа одбива да ја прифати традиционалната улога што ѝ ја наметнува општеството. Упорна е и одлучна да дојде до заокружувањето на својата идеја, без оглед на околностите.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.