ЗНМ: Со новинари во затвор нема слобода на медиуми

Додека целиот демократски свет го слави Денот на слободата на печатот, членови на Здружението на новинари на Македонија се собраа пред затворот во Шуто Оризари затоа што, како што велат, неговата симболика најдобро зборува за новинарската неслобода.

Тие се солидаризираат со новинарот Зоран Божиновски, обвинет во случајот „Шпион“, но кому му се суди во одвоена постапка, бидејќи три години имаше азиланстски статус во соседна Србија, а минатата недела беше екстрадиран во Македонија. ЗНМ го уверува дека остануваат со него се додека не биде слободен.

„Зад овие ѕидини е притворен новинарот Зоран Божиновски, поради неосновани обвиненија. Неговата единствена вина е што имаше храброст да пишува за грдото лице на власта, за нејзините лаги, криминал и неморал. Тие што Македонија ја претворија во Големо уво не можат да обвинат други за шпионирање. Амнестираните за криминал не можат да впеат прст против други за наводно злосторничко здружување. Со кој образ оваа власт може да обвини новинар за уцена, кога владеат единствено преку уцени и притисоци“, велат од ЗНМ.

„Новинарите се затвораат, се тепаат, заплашуваат, прислушуваат, етикетираат и се дискредитираат со единствена цел да не говорат за злоупотребите на власта. Медиумите поради корупциските врски со власта, станаа пропагандна машинерија за манипулација со граѓаните. Власта упорно одбива реформи во медиумите, кои значително ќе ја подобрат состојбата со слободата на изразувањето. Мора да престане насилството врз новинарите, а насилниците најостро да се казнат. Македонската радио-телевизија мора да биде сервис на граѓаните и медиумскиот регулатор мора да биде независен од политички влијанија. Уставот на Македонија ја гарантира слобода на печатот, но власта не дозволува ова право да заживее. Јасно и порачуваме на власта дека под ниедна цена, нема да се откажеме од нашата борба за слободата на изразувањето“, се вели во соопштението.

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), пак, по повод Светскиот ден за слободата на медиумите, потсети дека професионалното новинарство е суштински елемент за функционална демократија и остварување на интересот и правата на граѓаните за пристап до вистинити и објективни информации.

„Независноста во новинарската дејност, освен што опфаќа автономија на новинарите и ослободеност од политички и бизнис влијанија, подразбира постоење и поддршка на механизмите на саморегулација и задоволителен степен на професионална автономија“, стои во соопштението од Советот за етика.