Ново истражување на Human Rights Watch потенцира дека контроверзниот „тест со два прсти“ – при кој се утврдува дали жена била силувана со тоа што доктор ја пенетрира нејзината вагина со два прста за да утврди дали е сексуално активна – сè уште се спроведува во болниците во Раџастан, Индија.
Пет години после озлогласеното масовно силување во јавен автобус во Њу Делхи, кога една жена почина, сè повеќе жени од Индија пријавуваат сексуални напади и силување. Сепак, често се засрамувани од полицијата и болничарите, или пак заплашувани за да се откажат од тужбата.
„Во некои држави, и полицијата и здравствениот систем не ги прифатиле мерките кои ги одреди Владата“, вели Минакши Гангули, директор на Human Rights Watch за Јужна Азија.
„Иако намерата е да им се помогне на жртвите на силување, не е во склад со системот“, додава тој.
Индија е меѓу земјите со највисок степен на силување и сексуална злоупотреба, но не многу вакви злосторства се казнуваат.
HRW ги анализирале влијанијата на реформите воведени после фаталното групно силување во автобус во Њу Делхи во 2012, кое доведе до интернационална осуда.
Речиси 35.000 случаи на силување биле пријавени на индиската полиција и 7.000 пресуди биле донесени во 2015, што е пораст од 40 проценти во последните три години.
Но, пристапот до услугите за заштита, од правна помош до здравство, е многу лош.
„Жените и девојките велат дека не добиле речиси никаква грижа и не се задоволени нивните здравствени потреби, како советување, дури и кога било јасно дека имаат потреба од тоа“, пишува во извештајот.