Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека во текот на следните два дена, државата ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза.
„Под влијание на многу топла воздушна маса до петок времето ќе биде сончево и многу топло. Максималните температути насекаде ќе бидат над 30 степени, а во југоисточните делови од земјава ќе достигнат и до 40 степени“, гласи актуелното предупредување на веб-страницата на УХМР.
Министерството за здравство (МЗ) излезе со препораки, граѓаните да останат повеќе во затворени простории (пред сѐ климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
Надлежните препорачуваат и да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Потоа, да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
„На хронично болните лица, пак, им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари. Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката“, се вели во препораките на МЗ.
Оттаму велат дека Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството ја следи состојбата и по потреба ќе предлага мерки и активности за минимизирање на евентуални штетни ефекти од високите температури.