Жителите на Карпош во понеделник ќе ја блокираат Партизанска поради новиот ДУП

Карпошовци ќе ја блокираат „Партизанска“ кај „Сити мол“ во знак на револт поради усвоениот урбанистички план за Тафталиџе 1, зашто сметаат дека со него ќе се уништи нормалното живеење во тој дел од Карпош, пишува Утрински весник. Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Карпош, пак, најавува дека ќе побара Државниот инспекторат за локална самоуправа да направи вонреден инспекциски надзор за начинот на кој биле донесени плановите за Тафталиџе и за Карпош 3.

Но, од Општината не се засегнати од најавите, бидејќи, според нив, во случајов се е регуларно и законски. Од Одделението за урбанизам велат дека измените и дополнувањата во двата посочени ДУП-а се во согласност со законот и со Генералниот урбанистички план на Скопје.

Во ДУП „Тафталиџе 1“ имало маркички за неколку станбени објекти во близина на училиштето „Јан Амос Коменски“, како и блок згради на девет ката покрај булеварот „8 Септември“, спроти комплексот „Македонија“. Нова зграда со приземје и шест ката е предвидена на местото на поштата на „Никола Русински“, а има и маркичка за нова болница од пет ката зад Воена болница.

„Од понеделник ќе ја блокираме ‘Партизанска‘, треба да се договориме точно кога. Нема да седиме со скрстени раце, бидејќи со новиот план ќе се наруши хуманото живеење во Тафталиџе. Планот предвидува двонасочна улица кај пазарчето која ќе излегува кај ‘Форца‘ и неколку згради кај училиштето ‘Јан Амос Коменски‘, што апсолутно ќе предизвика нарушување на секојдневјето. Улицата ќе поминува под терасите на зграда со 11 влеза, ќе нема место за паркирање на станарите од постојните згради. За последиците од планираните четири згради кај ‘Коменски‘ и да не зборуваме“, вели жител на Тафталиџе кој сака да остане анонимен. Според него, општинарите останале неми на забелешките во анкетните листови. А ги имало стотина. Тоа го тврдат и од советничката група на СДСМ. Не само што Општината не го испочитувала законот и не одговорила на забелешките и предлозите на граѓаните, туку целата постапка за измените во плановите, според СДСМ, е незаконска.