Жители и родители од Општина Центар започнаа петиција со која изразуваат сериозна загриженост и противење на најавената намера за одземање на училишното игралиште и негово давање под концесија.
Според нив, игралиштето со години претставува единствен безбеден и слободно достапен простор за игра, рекреација и социјализација на децата од училиштето и од пошироката околина. Секојдневно го користат голем број деца, а за многумина токму таму се направени првите чекори, првото возење велосипед, како и првите игри со топка, ролери и други активности значајни за нивниот физички и психосоцијален развој.
Во петицијата се наведува дека одземањето на игралиштето и неговата комерцијализација би значело директно нарушување на правото на децата на безбедна игра и здраво детство, како и сериозно намалување на јавниот простор кој и припаѓа пред се на заедницата.
Дополнително, жителите предупредуваат дека давањето на просторот под концесија би можело да предизвика низа секундарни проблеми, како зголемено и неконтролирано паркирање, сообраќаен метеж и зголемена бучава, што директно би го нарушило квалитетот на живеење и безбедноста на децата во околината.
„Јавниот интерес и благосостојбата на децата, како и мирот и безбедноста на локалното население, треба да имаат предност пред било какви комерцијални интереси“, се наведува во петицијата.
Со иницијативата, граѓаните бараат училишното игралиште да остане јавно и трајно да не се дава под концесија, изразувајќи надеж дека надлежните институции ќе ја разгледаат нивната загриженост и ќе донесат одлука во интерес на децата и заедницата