ЗХГ поднесе иницијатива за забрана на огномет на територија на Град Скопје   

Зелен Хуман Град (ЗХГ) денес преку својот градски советник Марјан Калевски поднесе иницијатива за забрана на огномет на територија на Град Скопје.

„Со иницијативата се забранува употреба на експлозивни материи од физички и правни лица за прослави и забава – практика што со децении ги загрозува животната средина, како и здравјето и безбедноста и на луѓето и на животните“, посочуваат оттаму.

Од ЗХГ велат дека огнометите ослободуваат огромни количини PM2.5 и PM10, токсични гасови (CO, SO₂, NOx), како и тешки метали како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата.

„Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: деца, бремени жени, лица со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето“, нагласуваат активистите.

Бучавата и интензивната светлина, велат тие, предизвикуваат тешки психолошки и сензорни реакции: анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со синдром на посттрауматски стрес, сензорен колапс кај лица со аутизам или сензорни нарушувања, како и ризик од епилептични напади кај лицата со фотосензитивна епилепсија.

Овие последици, како што велат, се научно докажан сериозен ризик по здравјето.

„Последиците врз животните се драматични. Околу 70–75% од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовни угинувaња, особено кај птици. Кај животните огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација, бегство и смрт“, забележуваат од ЗХГ.

Законот за заштита од експлозивни материи во член 36 веќе предвидува забрана за употреба без дозвола и стручно лице, но, посочуваат оттаму, овој закон речиси никогаш не се почитува.

„Законот за Град Скопје во член 10 ја обврзува локалната власт да ги заштити воздухот, водата, почвата, природата воопшто и да спречува бучава. Забраната на огномети е неопходна и многу задоцнета мерка. Огнометите значат нарушено здравје, покачено загадување, ризик од пожари и системско малтретирање на животните. Затоа многу градови во светот преминуваат на алтернативни визуелни форми на прослави кои не предизвикуваат штета. Ги повикуваме сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата. Да покажат дека здравјето на луѓето и на животните, на најранливите жители на Скопје, ни е на прво место на сите“, стои во соопштението на ЗХГ.

Иницијативата доаѓа во време кога во Македонија се отвори дискусија за огнометите и потенцијалните опасности што доаѓаат од нив, откако годинава и Холандија изгласа забрана за огномети. Купувањето, продажбата и користењето на пиротехнички производи со среден и висок ризик ќе бидат забранети во Холандија, а мерката треба да почне да се реализира од новогодишната ноќ 2026–2027 година.

Холандија наскоро им става крај на огнометите

Таму забраната за огномети ќе биде резултат на две причини. Од една страна, постои желбата – поддржана од многумина – да се заштитат животните од сите видови, кучиња, коњи и од дивата фауна од огнометите, а од друга страна, постои потребата да се заштити мирот во заедниците, како и да се запре здравствената криза што секоја година доаѓа со многу висока цена.

Имено, минатата година во Холандија, поради пожари, имаше две жртви, а 1.162 лица мораа да посетат итна помош поради повреди, од кои дел беа сериозни. Беа уапсени 200 лица, а штетата изнесуваше 16 милиони евра.

Меѓу земјите од ЕУ кои гледаат на огнометите како на акт на насилство врз животните и луѓето и вовеле регулативи во однос на нив, се и Белгија и Германија, каде веќе неколку години важат многу строги правила за повеќе типови огномет. Во Велика Британија и Ирска огнометите се забранети, а регулативите се особено строги во земјата на детелината.

Бојан Шашевски