И покрај историскиот чекор што го направи земјата со изборот на првата жена-претседател, податоците покажуваат дека жените и понатаму се недоволно застапени во политичкото одлучување – особено на извршните и локалните нивоа, велат од Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA која во пресрет на локалните избори кога се спремаат листите за градоначалници и советнички листи, ги анaлизираше достапните историски податоци за застапеноста на жените во политичкото одлучување во Македонија.
„Еднаквото учество на жените во политичкиот живот не е само прашање на демократија, туку и на ефективно и инклузивно управување. Во Европа, зголемувањето на застапеноста на жените во парламентите и владите се смета за клучен чекор кон поправедно општество и подобро носење одлуки. Според Европската комисија, земјите со повисоко учество на жени во политиката имаат потранспарентни институции, поефикасни политики за социјален развој и поголема доверба кај граѓаните“, истакнуваат од Алијансата.
Според анализата, на првите парламентарни избори во Македонија во периодот од 1990 до 2001 година, застапеноста на жените во парламентот изнесувала помеѓу 3,3% и 7,5%. Овој предизвик бил решаван преку низа законски измени. Со Законот за избор на пратеници од 2002 година, била воведена квота која гарантира најмалку 30% застапеност на помалку претставениот пол на кандидатските листи. Подоцна, со измените на Изборниот законик во 2006 година, било предвидено дека во секоја поднесена кандидатска листа за пратеници, најмалку едно од секои три места треба да му припаѓа на помалку застапениот пол.
„Овој механизам значително придонесе за зголемувањето на бројот на жени во законодавното тело, особено по 2002 година, кога застапеноста скокна од 6.7% на 17.5%, а потоа и на над 30% во наредните години“, посочуваат од GEA.
Во 2014 година, законот бил дополнително унапреден со одредба според која, доколку избрана пратеничка го прекине својот мандат, нејзиното место го зазема следната жена од листата. Во 2015 година, квотата за застапеност на жените во кандидатските листи била зголемена на 40%, односно најмалку 40% од кандидатите на изборните листи да бидат жени со што, според Алијансата, се направил уште еден чекор кон унапредување на родовата еднаквост во политичката сфера.
„Сепак, и покрај овие квоти, забележливо е дека нивната имплементација не секогаш гарантира ефективно учество на жените во носењето одлуки. Иако на изборните листи има номинирани жени, честопати тие се поставени на позиции со помала веројатност за избор, што ја ограничува нивната реална застапеност. Во 2024 година тој процент опаѓа на 39.2%, во споредба со 41.7% застапеност во 2021 и 2022 година“, потенцираат оттаму.

Извор: Светска Банка, World Development Indicators: Proportion of seats held by women in national parliaments (%)
Како што велат тие, доколку за националниот парламент постојат законски квоти кои придонесуваат за подобрена застапеност на жените, истата обврска не важи за жените на позиции во националната влада или за градоначалници. Кога се разгледуваат составите на сите Влади, најчесто жените се застапени со две или три позиции, додека во периодот од 2017 до 2022 година, нивната застапеност достигна четири места односно највисоко учество до сега од 16.7%.
„Но, кога ќе се надоврзат и локалните избори, состојбата е поразителна. Избрани беа само две градоначалнички на ниво на цела држава во 2021 година. Бројот на жени кандидатки за градоначалнички варира значително од изборен циклус до изборен циклус и се движи од 13 во 2009 до 32 во 2013 година. Од друга страна, кога станува збор за избрани градоначалници и градоначалнички, јасно се гледа дека мажите доминираат во локалната власт“, забележуваат од Алијансата за родова еднаквост на работно место.
Во 2009 година, на пример, додаваат оттаму, не беше избрана ниту една жена за градоначалничка. Во 2017 година беше забележан мал напредок со 6 избрани жени градоначалнички, за да во 2021 година тој број повторно да падне на 2.

Извор: Жените и мажите во Северна Македонија, 2025
„Но дали квантитетот значи и квалитетно учество? Жените во политиката сè уште се соочуваат со структурни бариери, традиционални стереотипи и недоволна поддршка за лидерски позиции“, поентираат од Алијансата.