С. Македонија продолжила да ги спроведува реформите поврзани со ЕУ – објавен извештајот за напредок во реформите

Северна Македонија продолжила да ги спроведува реформите поврзани со Европската Унија и ги продолжила напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, се вели во најновиот извештај на Европската Комисија (ЕК) за напредокот во реформите објавен денеска. Во него се забележува дека на некои полиња за кои се известува е потребна дополнителна работа.

Од Комисијата забележуваат дека граѓанското општество останува активно и игра клучна улога во политиките и процесите на донесување одлуки. Оттаму посочуваат дека се преземени и мерки за спроведување на Стратегијата и акциониот план 2018-2020 година за соработка помеѓу овие две страни, но додаваат дека сепак се потребни напори за да се обезбеди позначаен и навремен процес на консултации.

Правната рамка за заштита на основните права е во голема мера во согласност со европските стандарди, потенцираат од ЕК.

„Процесот на деинституционализација е во тек и се спроведува со преместување на деца во мали групни домови. Министерството за труд и социјална политика инвестира во услуги во заедницата, вклучително и за поддршка на жртвите на родово-базираното насилство. Од суштинско значење е овие услуги да продолжат да бидат достапни. Потребни се дополнителни напори за спроведување на препораките на европските и меѓународните тела за човекови права, особено во врска со третманот на притворени и осудени лица“, посочуваат од ЕК.

Таму, исто така се потенцира дека одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација поради процедуралните причини, значи дека земјата во моментов нема сеопфатна законска рамка за недискриминација и тело за еднаквост.

„Овој сериозен јаз треба да се реши од страна на новиот законодавен дом. Исто така е важно за земјата да го зајакне спроведувањето на законодавството за говорот на омраза и националниот план за акција за спроведување на Истанбулската конвенција“, се додава во извештајот.

Во областа на слободата на изразување земјата е умерено подготвена, а од ЕК додаваат дека е постигнат ограничен напредок за време на периодот на известување.

„Севкупната состојба и климата во која работат медиумите останува генерално погодна за слободата на медиумите и овозоможува критичко известување од страна на медиумите, иако имаше некои зголемени тензии за време на Ковид-19 кризата и во контекст на изборите. Потребно е да се интензивираат напорите за саморегулација, за да се поддржи унапредувањето во професионални стандарди и квалитетот на новинарството. Важно е да се обезбеди поголема транспарентност на медиумското рекламирање од страна на државните институции, политичките партии и јавните претпријатија. Потребни се одржливи решенија за да се обезбеди независност на јавниот радиодифузен сервис, професионални стандарди и финансиска одржливост. Од суштинско значење е да се продолжи со поддршка на плурализмот во медиумите, промовирањето на професионализамот, непристрасното известување и истражувачко новинарство и градење отпорност за ефикасна борба против дезинформации. Финансиската одржливост на независните медиуми и условите за работа на новинарите остануваат предизвик“, се вели во извештајот.

Северна Македонија, како што посочуваат од ЕК, е умерено подготвена со реформата на јавната администрација, додавајќи дека одреден напредок бил направен со подобрувањето на транспарентноста, односно со усвојувањето на Стратегијата за транспарентност, операционализацијата на отворениот владин портал за податоци и објавувањето на податоците за владините трошоци.

„Останува од суштинско значење да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност. Државната комисија за спречување на корупција продолжи да адресира наводи за непотизам, блискост и политичко влијание во процесот на регрутирање на вработени во јавниот сектор. Треба да се обезбеди соодветно следење на извештаите и препораките на државната комисија“, стои во извештајот.

Судскиот систем исто така е умерено подготвен, сметаат оттаму, истакнувајќи дека добар напредок било спроведувањето на стратегијата за реформа на судството, притоа имајќи ги во предвид „итните реформски приоритети“ и препораките од Венецијанската комисија.

„Сѐ уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акционен план на стратегијата за реформа на судството. Судските институции спроведуваат нови правила за именување, унапредување, дисциплина и разрешување на судии, а Судскиот совет проактивно ја спроведува својата улога. Како резултат на нејзините реформски напори во последниве години, Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност на судството и отчетност, како што се правила за назначување засновани врз заслуги, проверка на средства и судир на интереси и дисциплински постапки. Треба да обезбеди нивна решителна и доследна употреба пред да предвидат понатамошни промени во оваа област“, стои меѓудругото во извештајот.

Во однос на борбата против корупцијата, земјава исто така има одредено ниво на подготовка, односно е умерено подготвена, а исто се оценува и борбата против организираниот криминал.