Зелени идеи: „Еко дете“ – подароци од хартија што може да се засадат

„Еко-дете“ е колекција на производи за деца изработени од рециклирана хартија која во себе содржи семиња и може да се засади, и е една трите идеи што победија на натпреварот на Здружението „АРНО“ за зелени бизниси.

Како што објаснува Јасмина Главинчевска од Визарт, која стои зад оваа идеја, со „Еко дете“ ќе се обидат да ги спојат бизнисот, екологијата и детската љубопитност.

„ Децата во градинките и школите ќе собираат хартија во специјално дизајнирани кутии. Визарт заедно со своите соработници, лица со посебни потреби од неа ќе прават нова хартија од која ќе бидат изработени сите производи. Преку нив децата на практичен начин ќе имаат можност за првпат, да видат и користат производ кој е создаден рачно, од преработена хартија која тие ја собирале.Тоа ќе ги направи горди и додатно ќе ги мотивира да станат еко-херои и да ја штитат природата.

Преку садењето хартија тие на интересен и забавен начин ќе се мотивираат да станат поодговорни и да создаваат зеленило, а не ѓубре“, раскажува Главинчевска.

Нејзината компанија Визарт веќе седум години се занимава со дизајн и продажба на производи од садлива хартија. Колекцијата „Еко дете“ пак ќе понуди сликовници, боенки, блокчиња за цртање, конфети, покани за родендени, картички , кои ќе се продаваат онлајн, но и во книжарниците и игротеките. Со неа, вели Главинчевска, се нуди решение како да се намали отпадот од хартија, а да се зголеми зеленилото преку инволвирање и едукација на децата, но и возрасните.

„Купувачите ќе бидат свесни дека прават вистински избор со кој ја штитат животната средина бидејќи предноста на оваа хартија во однос на обичната е огромна. За нејзино производство не се сечат дрва, создадена е од отпад и не создава отпад туку растенија“, вели Главинчевска.

За правењето на садливата хартија вели дека не е воопшто тежок процес, но е подолготраен. Верува дека подигањето на еколошка свеснот е во подем на глобално ниво, па затоа е уверена дека луѓето ќе разберат дека со купување на еко – производите прават вистински избор. Најголем предизвик пред нив, додава, е соработката со децата.

„Тие не само што се најискрени, во нив гледаме силен коректив кој ќе има огромно влијание во градење на општество со високи вредности“, вели Главинчевска.

За учеството на конкурсот на АРНО вели дека сите идеи биле добри, па до самиот крај не се знаело кој ќе победи. Сега се подготвуваат за регионалниот натпревар на кој наградата е поддршка за бизнисот од 10 000 долари.

„Под менторството на АРНО, веќе отпочнавме со подготовки кои се од огромна важност за натпреварот, но и за целокупниот прогрес во реализацијата на идејата. Ќе дадеме се од себе да ја претставиме нашата идеја во најдобро светло. И се надеваме дека реализацијата на овој проект ќе влијае врз порастот на социјалната инлузија во општеството и пораст на циркуларна економија бидејќи навистина и го должиме тоа на нашата планета“, вели Главинчевска.