Зелени бизниси: Од неискористениот материјал во конфекциите може да се создаде иновативна облека за лицата со попреченост

Марија Д. Митевска пред 12 години, за време на своите студии, волонтирала во здружение за лица со оштетен вид каде читала книги и преку аудиолекции им помагала да полагаат испит. Желбата да им помага на овие лица ја следела и во наредните години. Го основала здружението „Пинк супорт“ кое последниве четири години создава настани со цел да ја покрене јавната свест за лицата со посебни потреби.

Сега, Марија ќе се натпреварува на регионалниот натпревар за Зелени бизнис идеи во организација на здружението „АРНО“. Нејзината идеја го опфаќа процесот при кој од неискористениот материјал што останува во конфекциите се создава адаптиран дизајн за лицата со посебни потреби. Таа е една од трите финалисти на македонскиот натпревар и доколку победи на регионално ниво, ќе добие 10 000 долари за да ја реализира својата замисла.

„Засега имаме соработка со една конфекција која има отпаден материјал. Ние планираме да го земеме материјалот и со поддршка на ‘Арно’, ако ја добиеме главната награда од 10 000 долари, да вработиме две или три жени од рурална средина, поточно од селото Опила, во општина Ранковци“, ни појасни Митевска.

„Ќе се изработуваат несесери, маички, можеби ќе почнеме и со дизајни за луѓе кои се во колички, за да им се достапни и да немаат потреба од помош при облекување и соблекување на алиштата. За лицата со оштетен лик, маичките би биле со Брајова азбука, за да си ги препознаваат“, додава таа.

Па така, ако на маичката пишува „Ја сакам Македонија“, истиот текс би бил напишан и со Брајова азбука.

Нејзиното здружение последните четири години организира спортски активности. Секоја година се организира Розова трка која има одредена намена. Првата година, цел биле учениците од училиштето за оштетен вид во Скопје. Наредната година се собрале средства за Јоце Блажевски кому му беа потребни за да се лекува во Русија. Во 2016, трката беше наменета за Ведран, детето кое ги изгуби родителите во поплавата во Стајковци. Лани, пак, Митевска изработи документарен филм од убавините на земјата, која ги долови додека трчеше и возеше со велосипед низ државата.

„Да се срушат бариерите, табу темите за луѓето со попреченост, да има достапност за нив и за нивните родители“, е желбата на Митевска.

Таа смета дека нејзината идеја е иновативна и убава, која ќе им помогне на лицата со посебни потреби на Балканот.

Емилија Петреска