Здружени граѓани денеска почнаа целосна блокада на Дошница

Граѓани од цела Македонија, здружени преку иницијативи како Спас за Дошница, Зелена народна стража и Changemakers4all, започнаа целосна блокада за пристапот за сите возила и институции поврзани со изградбата на хидроелектраната.

„Нема да има пристап кон планината – ниту нагоре, ниту надолу. Оваа акција е граѓанска иницијатива и израз на наше човеково право на одбрана на природата, водата, животот“, посочуваат здружените граѓани.

Тие нагласија дека не станува збор за политички, туку за животен отпор против уништување што се спроведува зад затворени врати и со игнорирање на гласот на народот.

„Дошница не ја даваме!  Ни за пари, ни за профит. Ги повикуваме сите совесни граѓани, активисти, планинари, љубители на природата и медиумите да ни се приклучат и да го пренесат гласот на реката!“, соопштија здружените граѓани.

Инаку, блокадата почна пред 10-ина денови, а воедно имаше и простест за да се крене грасот за Дошница и против двете хидроцентрали.

„Нема да ви дозволиме да ги исечете вените на Кожув“: Граѓаните протестираа против изградба на две мали хидроцентрали

Граѓаните веќе рекоа дека хидроцентралите се големи закани за реката Дошница и Кожуф Планина – една од најчистите реки, во една од недопрените планини во Македонија.

„Малите хидроцентрали се едно од најголемите зла, бидејќи произведуваат незначително малку струја, а убиваат цел екосистем: реката се зафаќа високо во планината, низ цевка се спушта многу пониско до централата и реката пресушува. Исто така, државата им дава на инвеститорите загарантирана откупна цена на произведената струја за 20 години (ниту еден друг извор на енергија нема загарантирата откупна цена). Понатаму, граѓаните плаќаат дупло: без разлика на реалната моментална цена на струјата, поради загарантираната откупна цена ние плаќаме повисоки сметки за струја, а бидејќи овие хидроцентрали се субвенционирани, ние ги плаќаме субвенциите преку даноците. Воедно, лесно и брзо се даваат кредити под маската на ‘зелена’ и ‘обновлива’ енергија. Пример за еколошка катастрофа и уништена река поради вакви хидроцентрали е Конска река во Гевгелија, а вакви случаи има повеќе“, нагласија граѓанските иницијативи, дополнувајќи дека за профит на неколкумина, страда цела Македонија.

Во меѓувреме продолжува расправата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде треба да се расправа за амандан за почеток на процедурата за прогласување на Кожуф за национанел парк. Првично, ваков амандман беше побарано од невладината Млади за Македонија, кои силно лобираат амандманот да се изгласа од Собранието. Се очекува Собранието до среда да се изјасни за амандманот.