„Здрава котлина“ на 24 јануари иницира протест против аерозагадувањето во Струмица

На раскрсницата на ТЦ „Глобал“ во Струмица на 24 јануари од 12 часот ќе започне протест инициран од „Здрава котлина“.

„Дојде денот кога повторно сме принудени да излеземе на улица, и да го изкажеме нашиот заеднички револт против аерозагадувањето. Властите се менуваат. Функциите се менуваат. Но, едно нешто останува исто: ние и понатаму дишеме отров. Со години слушаме ветувања за ‘чист воздух’, ‘стратегии’, ‘мерки’ и ‘планови’. А што добивме? Ништо. Молк. Институционална негрижа“, стои во повикот на „Здрава котлина“.

Според еко-активистите, моменталната состојба во јужниот дел на градот е алармантна.

Како што велат, според мерењата, изложеноста на ПМ честичките е еквивалентна на пушење 7 цигари дневно.

„Некој ќе рече: ‘7 цигари не се многу’. Но запрашајте се: Кој ги ‘пуши’ тие цигари? Само ти, или и твоето дете? Бебето во количка? Бремените жени? Старите лица? Луѓето со хронични болести, астма, срцеви и респираторни проблеми? Доста е! Доста е од неказнети загадувачи, инспекции само на хартија, институции што ‘не гледаат’ и ‘не слушаат’, систем кој ги штити трујачите, а не граѓаните“, велат од „Здрава котлина“.

Тие посчуваат дека „ова не е зима, туку е проблем цела година“ и дека „ова не е неминовно и ова е дозволено“.

„Ова не е политика. Ова е право на живот. Ги повикуваме сите граѓани – родители, млади, пензионери, работници, студенти – да излеземе во што помасовен број и заедно да кажеме: Стоп на аерозагадувањето. Стоп на трујачите. Стоп на институционалната негрижа. Крај на воздушната апокалипса“, се вели во повикот за протестот на 24 јануари.